Членови на РКЕ на средба со Лорковски: „Домаќинствата трошат 20 отсто од електричната енергија на ЕСМ“
Размена на мислења во врска со снабдувањето со природниот гас, но и за отпорноста на енергетскиот систем и функционирањето на регулативата во време на енергетската криза, беа тема на денешниот состанок во Скопје на членовите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со Артур Лорковски, новоименуваниот директор на Енергетска заедница (ЕЗ).
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски го запозна директорот Лорковски за потребата од воведување на реформа на тарифниот модел и ги сподели првичните информации кои покажуваат дека еден отсто од домаќинствата трошат 20 отсто од електричната енергија од домашниот производител ЕСМ.
-Тимови од Електротехничкиот факултет и од Машинскиот факултет прават детални анализи врз основа на кои треба да се дефинираат блоковите, за кои ќе има и јавна расправа. Интересен е фактот дека енергетската криза ги направи проактивни домашните компании кои за да заштедат и да го намалат ценовниот удар од електричната енергија што ја набавуваат од слободниот пазар инсталираат фотоволтаични електро централи и сами си ја обезбедија неопходната количина за електрична енергија. Во изминатиот период капацитетот на фотоволтаичните електроцентрали кои се на покривните конструкции од погоните и дирекциите на компаниите се во вкупна моќност како ХЕЦ Света Петка, посочи Бислимоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа