Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје собрале и отстраниле 650 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во скопските општини.
Најголемо количество отпад е расчистено во општината Чаир, каде што од дивите депонии биле подигнати вкупно 170 кубни метри отпад, информираат од јавното градско претпријатие.
Во истиот период, екипите подигнале и транспортирале 2.700 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје.
Од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје посочуваат дека континуирано се реализираат активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици. Машинското миење со автоцистерни се спроведува во доцните вечерни часови.
„Секојдневно, во три смени, се врши миење и метење на плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и во Старата скопска чаршија“, велат од јавното градско претпријатие.


