На Клиниката за инфективни болести во изминатите четири дена, односно од 19 септември, нема нови приеми на пациенти со западнонилска треска, а во моментов на Клиниката се хоспитализирани вкупно 12 лица, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Од вкупниот број хоспитализирани, тројца пациенти се наоѓаат на интензивна нега и на кислородна поддршка. Меѓу нив е и пациентот кој е подолго време хоспитализиран и чија здравствена состојба и понатаму е неизвесна.
Министерот истакна дека мерките продолжуваат, вклучително и дезинсекцијата во местата на живеење на заболените, додавајќи дека заврши последното прскање во Скопје и дека резултатите ќе бидат јавно презентирани по вонредните контроли на ДСЗИ.
Во врска со долгорочните мерки за заштита, Клековски посочи:
„Економиите треба да се насочат на долгорочен раст… Во еден разумен период од три до пет години треба да го напуштиме аеропрскањето и да преминеме комплетно на прскање од земја. Периодот е неопходен бидејќи треба да се подготви механизацијата за тој тип на работа. Има уште неколку искуства од Грција, кои се добри да се применат. Работиме на нив со Центарот за јавно здравје, со Институтот за јавно здравје“.
Тој најави и засилување на казнените мерки за општините кои не постапуваат по елаборатите одобрени од центрите за јавно здравје.


