Чавушоглу: Шведска не е ниту на половина пат да ги исполни условите за поддршка на Анкара за влез во НАТО
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека земјата ги поздравува чекорите што ги презема Шведска за добивање одобрение за влез во НАТО, но дека не е ниту на „половина“ од исполнувањето на списокот со обврски што ги презеде за да ја обезбеди поддршката на Анкара.
Чавушоглу на конференцијата со неговиот шведски колега Тобијас Билстром рече дека одлуката на шведскиот суд да не екстрадира човек кој Турција го бара за наводна поврзаност со неуспешниот пуч во 2016 година ја „труе“ позитивната атмосфера во преговорите.
Шведска и Финска ја напуштија својата долгогодишна политика на воена неутралност оваа година и решија да аплицираат за влез во НАТО по руската инвазија на Украина.
За ова е потребно едногласно одобрување од 30 земји-членки, но Турција се уште не дава зелено светло, а како услов ја постави екстрадицијата на членовите на групите кои Анкара ги смета за терористички.
Чавушоглу додаде дека турската Влада се уште чека „конкретен развој“ кога станува збор за екстрадициите и замрзнувањето на имотот.
– Има документ, тој треба да се спроведе. Сè уште не сме ни на половина пат. Ние сме на почетокот, рече тој, мислејќи на меморандумот што Турција, Шведска и Финска го потпишаа во јуни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа