Во Централноафриканската Република денеска се одржуваат повеќекратни избори, на кои граѓаните гласаат за претседател, парламент, како и за регионални и локални власти. Актуелниот претседател Фаустин-Арчанг Туадера повторно е кандидат, настапувајќи во трка за трет претседателски мандат.

Туадера во кампањата го истакна подобрувањето на безбедносната состојба во земјата, кое, според него, е постигнато со поддршка од руски платеници и воени сили од Руанда. Прелиминарните изборни резултати се очекуваат најдоцна до 5 јануари.

Во случај ниту еден од претседателските кандидати да не обезбеди апсолутно мнозинство од над 50 проценти, вториот круг од изборите ќе се одржи на 15 февруари.

Шеесет и осумгодишниот Туадера, по професија математичар, беше иницијатор на уставниот референдум одржан во 2023 година, со кој беа укинати ограничувањата на бројот на претседателски мандати. Овој потег предизвика остри критики од опозицијата и граѓанскиот сектор, кои оценија дека станува збор за обид за долгорочно задржување на власта.

Аналитичарите оценуваат дека Туадера има големи шанси за победа, што дополнително би го зацврстило руското влијание во земјата, особено преку безбедносна соработка во замена за пристап до природни ресурси, како што се златото и дијамантите.

Опозицискиот блок го сочинуваат шест кандидати, меѓу кои најпознати се поранешните премиери Анизет-Жорж Дологеле и Анри-Мари Дондра. Тие останаа во трката и покрај претходните обиди за нивна дисквалификација поради наводно поседување странски државјанства.

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ предупреди дека административните мерки и постапки на властите значително ѝ ја отежнале кампањата на опозицијата и го довеле во прашање демократскиот карактер на изборниот процес.

Инаку, Централноафриканската Република во 2018 година стана првата земја во Западна и Централна Африка која распореди руски платеници од групата „Вагнер“, додека силите на Руанда беа ангажирани две години подоцна за да помогнат во спречување бунтовнички напади и нарушување на изборите во 2020 година.

Иако безбедносната состојба е релативно стабилизирана по мировните договори склучени со бунтовничките групи оваа година, аналитичарите предупредуваат дека напредокот останува кревок, поради нецелосното разоружување и нестабилноста предизвикана од вооружени упади од соседен Судан.

Exit mobile version