Цените во маркетите засега се стабилни, но поскапувањето на горивата може да се прелее и врз цените на производите поради повисоките транспортни трошоци, предупредува министерот за економија Бесар Дурмиши.

Пазарните инспектори ќе следат како се движат маржите кај трговците и дали евентуалните поскапувања се резултат единствено на повисоките трошоци или компаниите дополнително ја зголемуваат заработката. Дурмиши најавува интервенција доколку контролите покажат неоправдан раст на бруто-профитните маржи.

„Нормално дека кога ќе се зголеми цената на нафтата, тоа ќе влијае, но ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме да интервенираме ако се зголемува бруто-профитната маржа. Пак ќе направиме контроли. Сме во една светска криза, не само кај нас, но сепак во регионот сме најевтини во делот на цените“, изјави Дурмиши.

Во меѓувреме, трговците бараат промени во Законот за нефер трговски практики со кои повторно би им било дозволено да ја враќаат непродадената роба на добавувачите.

Министерот најави средба со претставниците на трговците, но вели дека пред евентуални измени треба да се утврди колкави загуби навистина имаат поради непродадените производи. Бидејќи сегашните правила се усогласени со европските препораки, за нивна промена ќе треба да се разговара и со Европската Унија.

Со најавените измени на Законот за нефер трговски практики се планира и значително зголемување на казните, во одредени случаи и до десет пати.

Од вчера, пак, почна да се применува и мерката за поевтин училишен прибор. Трговците на големо треба да ги намалат цените за најмалку 10 проценти, а во малопродажбата намалувањето треба да биде најмалку 15 проценти. За непочитување на мерката се предвидени казни.

Exit mobile version