Цените на нафтата на светските берзи забележаа раст од околу три проценти, придвижени од неизвесноста околу преговорите меѓу САД и Иран за повторно отворање на клучниот Ормутски теснец.

Како што објави „Трејдинг економикс“, со суровата нафта Брент се тргуваше по цена од 111 долари за барел.

Во исто време, американската сурова нафта од Западен Тексас Интермедијар (WTI) достигна цена од околу 107 долари за барел.

Најновото поскапување следува по обновените сомнежи дека наскоро би можел да се постигне договор со кој ќе се овозможи непречен проток на нафта низ овој клучен транспортен пат.

Порталот „Аксиос“ објави дека Иран поднел ревидиран предлог за прекин на конфликтот, но дека Белата куќа верува дека документот не е доволен за постигнување конечен договор.

Од друга страна, иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека Техеран сè уште смета дека барањата на САД се премногу строги.

Претходно, пазарите реагираа позитивно на најавите дека Вашингтон би можел привремено да ги ублажи санкциите врз иранската нафта, но американските власти сè уште официјално го немаат потврдено тоа.

Дополнителен притисок врз пазарите донесе Меѓународната агенција за енергија (IEA), која предупреди дека глобалните залихи на нафта брзо паѓаат, што дополнително ги зголемува стравувањата на енергетските пазари.

Exit mobile version