Цело Скопје без вода од петок во 22 часот - кога ќе протечат пак чешмите?

 

Најавениот прекин на вода во Скопје ќе биде по 22:00 часот во петок (20 декември), информира ЈП „Водовод и канализација“.  Вода ќе нема сè до санирање на дефектот, а ќе немаат сите населби од кружниот тек во Ѓорче Петров до Зелениково кои се наоѓаат на десната страна на Вардар.

Јавното претпријатие информира дека вода во Скопје ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман, а сите останати ќе немаат.

Ќе се санира дефект на улицата Никола Парапунов во Општина Карпош кадешто минатата недела се излеа вода.  За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, заради реализација на претходно најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод.

Покрај оваа локација, од „Водовод и канализација“ информираат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.

„Затворањето ќе биде извршено на затварач Ф-1600, кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Затварање на вода на главниот градски вод Ф-1600 милиметри се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец“, се вели во соопштението.

„Водовод и канализација“ информира дека е изготвен оперативен план за побрзо и поефикасно да се санира дефект од овој тип.

„Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош“, информира јавното претпријатие.

 

18.12.2024 - 09:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега