Царовска: Моделот што го нудиме е најбезбеден со актуелната епидемиолошка состојба

Побезбедно и подобро е учебната година да ја започнеме со физичко присуство до трето одделение, а останатите со онлајн настава. Сметаме дека овој модел е најдобар во моментов со оваа епидемиолошка состојба, изјави вечерва министерката за образование и наука Мила Царовска.

На гостувањето на телевизија „24“, Царовска рече дека ќе се следи епидемиолошката состојба, и доколку се процени, одлуката може да биде преиспитана.

– Сите знаеме дека најдобро е физичкото присуство, но епидемиолозите велат што ќе се случи доколку почнеме со физичко присуство сите наеднаш и се затвориме за две недели. Такви искуства има во регионот, а последниот е во Израел. Ние сакаме да одиме постепено. Во моментов, со оваа епидемиолошка состојба, сметаме дека овој модел е најдобар, рече Царовска.

Од вкупно 494 училишта, барање за физичко присуство поднеле 321 училишта. Помал број од нив, како што вели Царовска, ќе бидат одобрени доколку училиштата ги исполнуваат протоколите, а тоа се во една училница максимум 20 деца со растојание од метар ипол.

– Секоја одлука која ќе биде спротивна на епидемиолошката проценка и спротивна на Комисијата за зразни болести, може да не донесе до еден чекор напред и три назад, а тоа значи зголемување на бројот на заразени и затворање на сите училишта. Зошто да си го правиме тоа, кога можеме да одиме етапно и да ја следиме епидемиолошката состојба, истакна Царовска.

Во однос на реакциите во јавноста дека децата ќе учат онлајн, а од друга страна цело лето излегуваат, Царовска посочи дека угостителските објекти летно време работат на отворено, а училиштата се во затворен простор. Од друга страна, државата е одговорна ако ги отвори училиштата и има зголемен број на заболени, а одговорноста за излегувањето на децата во кафеаните е лично нивна и на родителите.

Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го одобруваат моделот што го предлага Министерството.

– Како Синдикат се грижиме за правата и интересите на вработените. Тоа не значи дека не ни е важно дали децата ќе бидат здрави и ќе ја следат наставата или дека сме против квалитетот на наставата. Не, напротив. Ќе направиме максимум учениците да си го остварат своето право на образование, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков на гостувањето на телевизија „24’.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.09.2020 - 19:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега