Царинската управа со рекордни заплени: Над 20.000 фалсификувани производи со лажен потпис на 57 брендови

 


За над шест илјади парчиња парфеми, пет илјади чифта обувки, пет илјади парчиња облека, но и други производи што Царинската управа ги заплени годинава е утврдено дека се фалсификат.

Станува збор за вкупно 20 илјади производи со потпис за вкупно 57 заштитени трговски марки. Царинските службеници на граничните премини и мобилните царински тимови годинава за неполни пет месеци открија 51 случај на повреда на право од интелектуална сопственост од кои во 19 случаи веќе е утврдено дека станува збор за фалсификати коишто требало да се продаваат на македонскиот пазар.

„Напорите во борбата против трговија со фалсификувана стока се препознаени и од страна на застапниците на брендовите, како и од РЕАКТ Балкан – Глобална организација за борба против фалсификувањето. По тој повод на царинарниците, Секторот за контрола и истраги и на Секторот за акцизи, од страна на Глобалната организација им беа доделени благодарници за исклучителен придонес во борбата против трговија со фалсификувана стока“, информираа од Царинската управа.

Директорот Бобан Николовски заедно со својот тим одржа состанок со Катерина Хаџистојанова, менаџер на РЕАКТ Балкан, како и со застапниците на брендовите сè со цел унапредување и забрзување на постапките за утврдување на оригиналноста на производите. На состанокот воедно се дискутираше и за потребата од уништување на стоката за којашто е потврдено дека е фалсификат во најкраток можен рок.

Од страна на застапниците на трговските друштва и РЕАКТ Балкан беше истакнато дека е забележан исклучителен напредок на Царинската управа во борбата против трговијата со фалсификувана стока, за што говорат и официјалните статистики на управата.

„Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки кои го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и преку зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Македонија. Фактите се само потврда за нашите напори во борбата против трговија со фалсификати. Во 2024 година вкупно се евидентирани 75 случаи на заплени на стока поради основано сомнение за повреда на право од интелектуална сопственост, за разлика од 2023 година кога се евидентирани вкупно 29 случаи. Годинава, за неполни пет месеци, евидентиран е 51 случај на заплена на 49.638 парчиња фалсификувани стоки, за разлика од лани кога во овој период се евидентирани 14 случаи на заплена на 19.707 парчиња фалсификувани стоки“, истакна Николовски.

26.05.2025 - 14:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега