Цане Т. Мојаноски: Не станува збор за „повторување на историјата“, туку за квалитативно нова ситуација
Универзитетскиот професор и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Т. Мојаноски, во интервју за Прес24 оценува дека процесот за конечно добивање на автокефалност за МПЦ-ОА се движи во добар правец, иако постојат оправдани стравови војавноста, но сепак смета дека сега за разлика од минатото, состојбите се дрматично променети, а во тој контекст е и новиот развој на односите МПЦ-ОА – СЦП.
-Всушност тоа е одговор на Српската православна црква со која започнува процесот на уредување на „управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Околу тоа, колку ова прашање „изненади“? Веројатно одговорот може да го пронајдеме во Соопштението на Вселенскиот патријарх кога вели: „исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“.
Всушност, новината овде е таа дека станува збор за конечна фаза на „апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“. Во таков контекст, основата за разговор, значи подготвеност да се отстрани причината за недоразбирањето. Всушност, тоа е новиот момент во македонско-српските црковни односи, вели професорот Мојаноски, кој е еден од одличните познавачи на црковните прилики.
Тој смета дека меѓу Нишкиот Договор од 2002 година и сегашните разговори на македонските и на српските владици има драстична разлика.
-Заживувањето на тој Договор немаше да го донесе овој, како вие велите „втор Нишки договор“. Разликата е во тоа што тој доаѓа како резултанта на соопштението на Светиот и Свештен Синод, кој на заседанието од 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој исцрпно дискутирал „за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“. Всушност, станува збор за нова квалитативна ситуација, која по црковниот ред е слична на онаа од 1959 година, но по основите за решавање е дел од апелациското прибегнување, вели Мојаноски.
Според него во јавноста постои страв дека се може да се случи, особено ако се знаат искуствата што Македонија ги има со вакви договори, но вели дека од ова што се случува и динамиката со која се случува, има впечаток дека станува збор за детално планиран процес кој се операционализира.
-Сегашниве настани и активности, како да се добро акцептирани. Инаку, ја разбирам загриженоста. Ние имаме бројни искуства со одлуки и договори кои по определено време имаат вредност на „тоалет папир“. Тие, не само што не се почитуваат, туку се основа за создавање на нови проблеми. За многу договори, кога се потпишуваа ни се ветуваат „брда и долини“, продефилираа „високи претставници“ на држави, интеграции и организации, вели универзитетскиот професор.
Двете дилеми кои во јавноста се наметнуваат, едната околу именувањето на црквата и втората околу прашањето за дијаспората, според Мијаноски имаат друга цел и не се во согласност со реалните контексти.
-Националните називи на определени цркви се определени со актите на суверенот (најчесто монархот), кој ги уредувал и непосредно учествувал во телата на помесната Црква. Националното име најчесто се користи во говорна комуникација, тоа не е официјално име. Од таму, ми се чини дека е изнасилено и во функција на други интереси да се проблематизира именувањето на нашата црква како „Охридска архиепископија“, која е една од најстарите цркви, со апостолско преемство и достоинство, и особено, важи за народна црква. Затоа, ми се чини дека ова прашање непотребно е актуализирано и нема црковни туку, пред сѐ, политички димензии и е во функција на јакнење на определени структури кои ќе имаат „тесто за месење“ против нас, вели во интервјуто за Прес 24, универзитетскиот професор, Цане Т. Мојаноски.
ПРЕС24: Пред неколку дена се случи настан, за кој малкумина би поверувале дека е можно да се случи, ако се знае контекстот на македоснко-српските црковни односи од 1967 година. На што според Вас се ова се должи?
МОЈАНОСКИ: Заедничката литургија на која сослужуваа српскиот Патријарх и македонскиот Архиепископ, како облик на измирување, е првиот чекор кон вопспоставувањето на литургиското и канонско општење на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со Српската православна црква, а потоа, треба да следи и со сите останати православни цркви. Тој настан се случи во Четвртокот, на Деветнаесетти Мај. Заедничката или литургијата на помирување треба да се набљудува во контекст на Соопштението на Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј и Светиот синод на оваа Црква во кое се подвлекува: „се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Всушност тоа е одговор на Српската православна црква со која започнува процесот на уредување на „управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“.
Околу тоа, колку ова прашање „изненади“? Веројатно одговорот може да го пронајдеме во Соопштението на Вселенскиот патријарх кога вели: „исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“. Всушност, новината овде е таа дека станува збор за конечна фаза на „апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“. Во таков контекст,основата за разговор, значи подготвеност да се отстрани причината за недоразбирањето. Всушност, тоа е новиот момент во македонско-српските црковни односи.
ПРЕС24: Ако се вратиме 20 години наназад, кога се случуваше Нишкиот Договор, тогаш реакциите беа драматично поразлични од сега. Дали овој сегашен втор Нишки договор (бидејќи беше преговран повторно во Ниш) е суштински поразличен, и во кој дел?
МОЈАНОСКИ: Во претходното прашање е загатнат одговорот. Нишкиот договор, беше обид на двете црковни ерахии, Српската и Македонската, да изнајдат modus vivendi за црковното прашање во Македонија. Тој документ ја следеше логиката и интересите на Српската православна црква. Тој беше составен од заедничка комисија, беше прифатен и поддржан од надлежните тела на СПЦ, но од Македонската православна црква, односно од нејзините тела не беше прифатен и не беше потпишан. Во дискурсот за него се зборува дека е потпишан, иако за волја на вистината, станува збор за потписи на членовите на Комисијата на маргините на текстот. Овие потписи се „гарант“ за оригиналноста на текстот, но и сведок за нивото на довербата меѓу оние што го изработувале. Тоа е доволен индикатор за вистинската атмосфера и подготвеност за трагање по решение.
Заживувањето на тој Договор немаше да го донесе овој, како вие велите „втор Нишки договор“. Разликата е во тоа што тој доаѓа како резултанта на соопштението на Светиот и Свештен Синод, кој на заседанието од 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој исцрпно дискутирал „за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“. Всушност, станува збор за нова квалитативна ситуација, која по црковниот ред е слична на онаа од 1959 година, но по основите за решавање е дел од апелациското прибегнување.
ПРЕС24: Но, практично МПЦ-ОА денеска де фактот од 16 мај до издавањето на Томос од Вселенската патријаршија, е автономна црква во состав на СПЦ. Нешто што на пример до пред некој ден во Македонија не верувам дека некој би го прифатил како процес до конечно решение. Кога созреа македонската црковна јавност за се ова да го проголта, а патем и да го слави?
МОЈАНОСКИ: Би можеле ѝ така да констатираме. Но, ми се чини дека тоа е нецелосен впечаток. Ако го погледнеме Соопштението на Вселенскиот Патријарх во првиот став тој констатира „ја прима во евхаристиско општење ерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј” врз раната на нашите тамошни, православни браќа“ и додава дека „кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“, кој експлицитно не е наведен како Томос, но тоа не значи дека треба да се исклучи ако се има предвид погоре споменатиот став дека во Синодот на Вселенската патријаршија „црковниот проблем во Скопје“ го оценувал „во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква“.
За да може да се оствари тој процес и како што се вели во соопштението „се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Тоа значи дека за да можете да разговарате, треба да прифатите положба која не е спорна и за двете страни.
Избегнувањето на прифаќање на решение „во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“ ќе значеше и ситуација на status quo и основа за градење оценка дека дотогаш неприфатената Црква, ја губи можноста за решавање на црковниот проблем. Оваа Одлука, да се прифати решението и статусот на Македонската православна црква од 1959 година, може да се набљудува како премостување на проблемот, а не како конечно решение. Конечното решение е експлицирано во барањата на нашата Црква, но и на државните претставници пред Вселенскиот Патријарх. Тој, на определен начин се јавува како дополнителна содржина која ја зголемува довербата и подготвеноста да се трага по конечното решение. Исто така, таквиот пристап треба да е во функција на афирмацијата на милениумското искуство, според кое, Црквата која го организирала верскиот живот на определено подрачје, кое во меѓу време политички се омеѓило, односно формирало држава, го известува Вселенскиот Патријарх, да издаде Томос за новоформираната црква, која како што се констатира во соопштението од 9 Мај, се однесува на канонската црква Охридска архиепископија, која, согласно споменатото правило е омеѓена во рамките на независната држава Северна Македонија. Затоа, ми се чини дека не станува збор за „повторување на историјата“, туку за квалитативно нова ситуација.
ПРЕС24: Од денешна дистанца, дали екс валдиката на МПЦ-ОА, Јован беше жртва на непотребен прогон?
МОЈАНОСКИ: Историјата е преполна со апсурди. Земете пример било кој историски настан, од поблиска или подалечно минато. Земете го примерот со бројните жртви и херојства од Втората светска војна. Каков е односот кон херојствата на поединци, а особено на младите? Како ние се однесуваме кон нив? Неспорно е дека жртвата која е поднесена е за почит. Таа била принесена како резултанта на верувањето дека е најдобриот избор. Но, секогаш „најдобриот избор“, не доволен, за него треба да има и општествени услови. Создавањето на „паралелни црковни структури“, насекаде каде што тие се присутни не се решение, односно не го решаваат проблемот, туку создаваат нов проблем. Но, историјата е учителка на живот, таа никому не останува должна. Секому ќе му го определи местото. За тоа има илјадници примери.
ПРЕС24: Да бидеме на реалната основа. Оваа одлука на СПЦ е резултат на вмешувањето на Вселенската патријаршија во случајот, резултат на српската државна политика, или пак резултат на српско-руската пријателска оска да демонстрира нов пристап во решавање на вакви спорови во православниот свет?
МОЈАНОСКИ: Прашањето е сложено и имплицира поширок контекст на дебата. Несомнено и недвојбено е дека Одлуката на Вселенската патријаршија е катализаторот на овој процес. На тоа му погодуваат и уште неколку фактори. Прво, новиот Српски Патријарх, неговата светост г.г. Порфириј и дел другата висока ерахија имаат изострен усет за црковните проблеми и прашања. Второ, пред државната власт на Република Србија се наоѓаат определен број на тешки и сложени прашања за решавање, па затоа има потреба од соодветно единство на сите чинители, како и во создавањето и чувањето на пријателствата, како што е пријателството меѓу српскиот и македонскиот народ и српската и македонската држава. Трето, Србија е дел од иницијативите, како што е „Отворен Балкан“ во кои се создаваат основи, пред сѐ, за економско поврзување, но се видливи и определени процеси на административно поврзување, како што се работните дозволи, патувањето од држава во држава само со лична карта и слично.
Во врска со глобалните прашања и како што прашувате постоењето на определена „оска“, треба да се напомене дека историјата на српската држава има бројни примери за градењето на такви поврзувања не само на српско-руската релација, туку и со други балкански и европски држави, како што се пријателството со соседна Грција, со Франција, Британија и други субјекти. Во тој контекст треба да се забележи дека во последната деценија и повеќе особено е присутна соработката и поддршката што Македонија и македонските граѓани ја добиваат од соседна Србија. И во тој контекст веројатно е дека решавањето на ова прашање, ќе го затвори „списокот“ на отворени прашања и дека развојот и иднината ќе се темелат на барање на оптимални и најдобри решенија, за двата народи и држави.
ПРЕС24: Ве прашувам, затоа што јавноста во Македонија е многу мирна, иако нема никакви гаранции дека овој процес, прво ќе биде брз, а второ дека нема да биде нов пораз на МПЦ-ОА. Дали јавниот збор на Архиепископот Стефан и на Митрополитот Тимотеј и на Владиката Петар треба да бидат сигурна гаранција?
МОЈАНОСКИ: Од ова што се случува и динамиката со која се случува, имам впечаток дека станува збор за детално планиран процес кој се операционализира. Сегашниве настани и активности, како да се добро акцептирани. Инаку, ја разбирам загриженоста. Ние имаме бројни искуства со одлуки и договори кои по определено време имаат вредност на „тоалет папир“. Тие, не само што не се почитуваат, туку се основа за создавање на нови проблеми. За многу договори, кога се потпишуваа ни се ветуваат „брда и долини“, продефилираа „високи претставници“ на држави, интеграции и организации. Со нивното заминување, заминаа и ветувањата и обврските што ги превземаа. Наместо решение, ние денес сме таму каде што бевме, побогати за еден дискурс за „единствено и апсолутно читање на историјата“, обременет со потценување, навреди и непочитување на слободата на поединецот, слободно да го афирмира својот идентитет. На повидок е еден нов колективизам, кој за наша несреќа, се нуди од структурите од кои очекувавме и се надевавме дека за нив, слободата на поединецот е пред сѐ. Но, како што можеме да согледаме „нацијата и државата“ им биле пред сѐ. Затоа, ми се чини, сомнежот е оправдан.
Оптимизмот и избегнувањето на „повторувањето на историјата“ се темели на вербата и искреноста на нашите стратешки партнери, со кои во подолг временски период се развиваат активности кои се во функција на јакнењето на капацитетите, но и во јакнењето на оспособеноста на нашите институции да ги извршуваат задачите. Според тоа, ми се чини, дека ние треба да веруваме и очекуваме, овој процес да се заврши и дека нашата православна црка „Охридска архиепископија“, час поскоро ќе се приклучи на семејството на православните цркви и на тој начин ќе придонесува за јакнење на православието и во надминувањето на недоразбирањата.
ПРЕС24: Но, што ако не се случи тоа што сите го посакуваат. Што ако СПЦ на овој Собор не донесе одлука да ја претстави МПЦ-ОА пред Вселенскиот патријарх за автокефалност?
МОЈАНОСКИ: Треба да ги поздравиме досегашните напори. Тие се во функција на очекувањата што ги имате во прашањето. Ние треба да посакуваме и да работиме тоа да се случи. За таква одлука подеднакво е важен придонесот на секој православен верник, но и на секоја ерахија одделно.
ПРЕС24: Прашањето е повеќе поради негативните искуства што македонската црковна јавност ги има од историјата. Од 1959 година до 1967 година, токму тука е најголемиот проблем. СПЦ од Собор до Собор ја пролонгира ветената одлука за претставување на МПЦ-ОА за автокефална црква. Реално ли е јавноста да стравува од исто сценарио?
МОЈАНОСКИ: Стравувањата се дел од човековата природа. Но, ми се чини дека во овој случај тие се неоправдани. Веројатно ќе потпрашате - стравувањето и надежта се два процеси кои имаат еднаква можност да се реализираат? Да. Но. Има едно „но“. Тоа се поминатите години, бројните напори на генерации, јасната ориентација на православните верници, на Македонската православна црква- Охридска архиепископија, на државните органи, заложбите и одлуките на Синодот и на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, како и започнатиот процес во Српската православна црква. Тоа, се дополнителните нешта што го зголемуваат оптимизмот и ја поттикнуваат надежта дека тој процес ќе заврши со Томос за автокефалност. Но, сепак, времето е најобјективниот и најискрениот судија.
ПРЕС24: Хипотетички... на 24 мај кога српскиот Патријарх ќе дојде во Скопје, ако со себе не го носи актот за претставување на МПЦ-ОА за автокефална, што треба да направи МПЦ-ОА? Да чека друг Собор, или да побара таа од Вселенската патријаршија Автокефалност, аргументирајќи го тоа како своја добра воља да се помири со СПЦ, а за возрат да не добие позитивна одлука?
МОЈАНОСКИ: Хипотетички е можно. За некој ден ќе посведочиме. Треба да веруваме и да очекуваме дека нема никакви игри и задкулисни сценарија. Како и за секоја работа, така и за оваа, се седнува се проценува стратегијата, се констатираат грешките, се применуваат научените лекции и се оди напред. Ништо, не може да ја спречи нашата желба, барање и подготвеност да се бориме за автокефалност на нашата Црква.
ПРЕС24: Очигледно е дека јавноста во монетов, но мислам дека и добар дел теолози, членови на МПЦ-ОА, кои важат за тврди автокефалисти во монентов даваат шанса на процесот, но сепак, ако на крајот од денот се ова не успее.. Кој ќе понесе одговорност?
МОЈАНОСКИ: Одговорноста е повеќедимензионална. Таа е институционална и поединечна. Институционалната, согласно актите ќе ја утврдуваат институциите. Во поединечната е и нашата, особено на аналитичарите кои веруваат во процесот. Таа може да се изрази како извинување, каење, но и како „губење“ на интересот да расправа и дебата за прашањето, како и во преиспитувањето на вербата во принципите и институциите.
ПРЕС24: Во целата оваа приказна има една дилема која се уште е неразјаснета. Во соопштението на СПЦ пишува дека за автокефалност на МПЦ-ОА, треба да постои се православен консензус. Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА во два наврати дава многу комплицирана изјава. Вели прво сите цркви да се согласат, па потоа да се добие Томос. Станува збор на лош вокабулар на владиката, или тој сака нешто друго да каже?
МОЈАНОСКИ: Тоа прашање ми се чини е споменато во контекстот на разликите кои постојат меѓу православните цркви, доволно е општо, што остава значителен простор за индивидуални интерпретации. Тој консензус не е утврден и воведен како правило, туку како обид, да се воведе со искажана соодветна согласност. Да се надеваме дека сме ја разбрале конотацијата на ставот.
ПРЕС24: Има една теза која се споменува во неформалните црковни кругови, а таа е дека СПЦ може да издаде Томос за автокефалност на МПЦ. Тоа реалистички е неразумна ситуација ако се знае се уште важечкиот поредеок, но сепак колку таково сценарио е возможно и дали тоа го затвара патот на МПЦ-ОА за вистинска автокефалност?
МОЈАНОСКИ: Од она што ми е познато, а можеби тоа не е целосно, актот „Томос“ е акт на Синодот и Патријархот на Вселенската патријаршија и има функција да ги информира помесните православни цркви дека се формирала нова црква која литургиски и канонски општи со православните цркви и чиј Поглавар се споменува во литургиите како израз на единството на православната црква. Дали со ова име се означуваат и акти на други автокефални цркви, ми се чини дека е тема за дебата на теолозите и на познавачите на канонското право. Аналитичката диоптрија ја темелиме на јавно достапните информации, на сознанијата од проучуваната литература и од следењето на процесите.
ПРЕС24: На крајот од денот, се мора да заврши пред Вселенската патријаршија. Таму за сега се наговестуваат два можни проблеми. Приот е именувањето на Црквата. Јавноста стравува дека придавката „македоснка “ќе исчезне. Колку е тоа реално сценарио и на што тоа ќе значи?
МОЈАНОСКИ: Именувањето на секоја православна црква е според името на некоја канонска црква, поврзана со местото на нејзиното устоличување. Вселенскиот патријарх во Томосот се повикува на тоа историско (екслисиолошко) име. Националните називи на определени цркви се определени со актите на суверенот (најчесто монархот), кој ги уредувал и непосредно учествувал во телата на помесната Црква. Националното име најчесто се користи во говорна комуникација, тоа не е официјално име. Од таму, ми се чини дека е изнасилено и во функција на други интереси да се проблематизира именувањето на нашата црква како „Охридска архиепископија“, која е една од најстарите цркви, со апостолско преемство и достоинство, и особено, важи за народна црква.
Затоа, ми се чини дека ова прашање непотребно е актуализирано и нема црковни туку, пред сѐ, политички димензии и е во функција на јакнење на определени структури кои ќе имаат „тесто за месење“ против нас.
ПРЕС24: Има уште една дилема, а тоа е дека со издавањето Томос за автокефалност , црквите од дијасората на МПЦ ќе и припаднат на Веленската Патријаршија. Има ли овде потреба од некаков страв?
МОЈАНОСКИ: Ова прашање би требало да го актуализираме на еден поинаков начин. А тоа е како е регулирано прашањето со дијаспората на православните цркви кои имаат дијаспора. Автокефалната црква, согласно милениумското искуство и начинот на решавање на тоа прашање треба да го реши така. Погледнете во чиј Томос се решава ова прашање, ако станува збор за политички омеѓени епархии. Затоа ми се чини дека, отворањето на ова прашање во овој момент, како да е повеќе во функција на други потреби, не на црковните. Впрочем, искуството покажува дека ниту една наметната јуриздикција не се прифаќа со ентузијазам и верба, дека верниците успеваат да создадат искуства и практики кои се во функција на јакнењето на верата, верувањето и вероисповеданието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа