Бугарски пратеник сам си напишал и си испратил заканувачко писмо со цел да добие бесплатно државно обезбедување. Овој бизарен податок го откри криминалистот Иван Савов во гостување на бугарската „Нова ТВ“, коментирајќи ја состојбата во тамошните безбедносни служби кои треба да ги наследи новата влада, пренесува порталот „Факти“.
Според Савов, инцидентот со лажното заканувачко писмо се случил во 2015 година. Тој остро ја критикуваше Националната служба за заштита (НСО), тврдејќи дека оваа институција со години наназад сака да ја задржи својата улога на „слуга“ на политичарите, наместо да биде сериозен безбедносен орган. Савов посочи дека дополнителен голем проблем е постојаното менување на началниците, што во Министерството за внатрешни работи достигнало дури и до највисоките раководители.
На критиките се надоврза и професорот Николај Радулов, експерт за безбедност, кој истакна дека НСО постепено се оптоварувала со задачи кои немаат никаква врска со нивната основна дејност.
„Познавам неколкумина вработени кои станаа генерали, а притоа се занимаваа со шетање кучиња. Вработени во НСО наутро ги носеа децата на функционерите на училиште“, изјави Радулов, илустрирајќи го апсурдот во функционирањето на службата.
Радулов додаде дека овие служби сериозно заостануваат технолошки, потенцирајќи дека кај нив воопшто не се имплементирани нови технологии и дека не постои систем за електронско управување.


