Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес одлучи овогодишниот Ден на македонската полиција, 7 Мај, да го одбележи со посебен и инспиративен гест. Началникот на СВР Велес му додели официјална благодарница на 14-годишниот Илија Гигов, младо момче кое со својата постапка го воодушеви градот и покажа што значи вистинска чесност и одговорност.
Имено, пред неколку дена, движејќи се кон своето училиште, Илија пронашол туѓа банкарска книшка и 23 банкноти во апоени од по 2.000 денари (вкупно 46.000 денари). Без воопшто да размислува да ги задржи за себе, тој веднаш ги известил своите родители. Заедно се упатиле во полициската станица и ги предале пронајдените средства, кои потоа експресно биле вратени на нивниот вистински сопственик.
„Овој мал јунак со големо срце одржа лекција како за своите врсници, така и за возрасните. Илија со само 14 години, со својата хуманост и добронамерност, покажа високо ниво на морални вредности вредни за почит и благодарност. Неговата постапка претставува светол пример и инспирација за сите нас“, се вели во официјалната објава на Министерството за внатрешни работи.
Гестот на младот велешанец докажува дека добрината и моралните вредности сè уште постојат меѓу младите генерации, а МВР преку оваа благодарница испрати силна порака за важноста на граѓанската одговорност.


