Бугарски митрополит за МПЦ: Одлуката на Вселенската патријаршија води кон раскол

Архиерејот на Бугарската православна црква, митрополитот ловчански Гаврил, зборуваше за одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ-ОА за канонска, нагласувајќи дека „Црквата на Северна Македонија е под српска јурисдикција од 1920-тите, призната од сите православни цркви во светот“.

– Затоа, според правилата, Српската православна црква имаше право да и додели автокефалност на Црквата на Северна Македонија или тоа право да го даде на Сеправославниот собор, рече бугарскиот архиереј, нагласувајќи дека „Вселенската патријаршија нема повеќе права од која било друга православна црква“.


Според порталот „ekklisiaonline.gr“, владиката нагласил дека не знае како ќе реагираат Српската православна црква и другите цркви, но оценил дека потегот на Вселенската патријаршија во однос на МПЦ е причина за продлабочување поделби во православниот свет.

Тој, исто така, додаде дека приемот на Македонците во Евхаристиската заедница од страна на Фанар е чекор што „ќе ѝ донесе повеќе проблеми на Православната црква“. Дополнително, митрополитот Гаврило смета дека „на црквата на Северна Македонија не може да и се даде името Охридска архиепископија, бидејќи тоа е историското име на Бугарската православна црква од 1018 до 1767 година“, и потсетува дека неодамна, во 2017 година, „Светиот синод на МПЦ објавил дека ја признава Бугарската патријаршија како мајка црква“.

Вселенската патријаршија претходно соопшти дека ја признава МПЦ како православна и во заедница на христијанските православни цркви.

12.05.2022 - 17:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа