Брза интервенција на пензионираниот доктор Есати од Теарце спаси живот

Во тетовско Теарце, изминатата недела работник кој паднал од бандера, ја скршил ногата и имал потрес на мозокот. Првата помош, а со тоа најверојатно и спасен живот, добил од пензиониран лекар, кој пак вели дека и понатаму волонтерски ќе помага на сите луѓе при секакви прилики. Доктор Абдулџелал Есати, познат по прекарот како доктор Џеки, вели дека кај него пензионерскиот статус не ја променила Хипократовата заклетва и затоа секаде и на секому ќе се најде да помогне.

Доктор Есати живее во Теарце, па тоа што го повикале и веднаш дошол по инцидентот во голема мера помогнало повредниот да се соочи со помали последици, односно тој веднаш ја имобилизирал скршената нога и ги повратил виталните функции кај работникот.

– Во брзата интервенција почесто може да се греши, ако нема особа, доктор, која ќе ја координира состојбата бидејќи ако сакаш да и помагаш на настраданиот, тогаш од неспремност и неискуство може да настане катастрофа. Да почнеме од горе, вратна кичма, ако има повреда на вратна кичма или некој пршлен, со поместување непрофесионално му одмагаш на болниот и може да има инвалидитет. Заврши задоволително, пациентот беше контактибилен, ми се заблагодарија колегите што дојдоа од Итна медицинска помош, па потоа ми се јави дежурниот анестезиолог Рувиде Скендери и ортопедот Митра. Ми рекоa: Ништо повеќе не направивме, болниот го транспортиравме за Скопје поради фрактурата што не може да се реши во Тетово, се потсети докторот инаку специјалист по анестезиологија.

При помогањето на повредениот паднат од бандера, тој вели дека добра околност била што веднаш нашол вена на раката за да му даде инфузија за да се поврати од дезориентираноста и шокот во кои се нашол по пад од шест метри.

Со себе секогаш носи опрема и затоа имал можност веднаш да му помогне на повредениот. Куферчето со медицински апарати и опрема му стојат подготвени во неговиот автомобил.

– За среќа се погоди вената. Ја превенирав болката со аналгезија. Ја имобилизирав ногата. Ако не се имобилизира ногата тогаш е џабе да се даде аналгезија, превентива на болката затоа што поместена е таа анатомска структура и е болна. Шокот го надминавме со инфузии , ја покачив тензијата, стана контакбилен. Во кола имам и постојано ја носам опремата за да можам да помогнам. Сум поминал граници со таа опрема, рече докторот на средба со тетовските новинари.

Тој иако добил благодарност од докторите од Итната медицинска помош за брзата интервенција и санација на повредите, скромно вели дека доктор не може да спаси живот.

– Доктор не може да спаси живот. Доктор може да разубави живот, во конкретниот случај тоа се случи. Не можам да се фалам дека сум спасил. Се надевам дека сум помогнал. Имало и среќа затоа што тоа бил пад од висина од шест метри со се бандерата. Имал среќа што со главата паднал на трева, на меко, но сепак поради падот, тоа е голем потрес на мозокот, дезориентиран беше, со витална константи на крај, или да го опишам беше како риба во песок. Рибата ако не ја вратите во вода се знае што ќе случи. Друг бенефит е кога повредените или блиските видат лекар во близина, се подига моралот и после е лесно, истакна доктор Есати.

Иако е пензионер, вели нема да прекине со безрезервната помош каде што ќе го повикаат.

-Имам статус пензионер, меѓутоа, уште го немам почувствувано што значи тоа да биде пензионер, затоа што повеќе ноќе давам анестезија, пациент не се буди,но јас се будам. Никогаш не се сум рекол не никому, не затворам мобилен телефон. Мислејќи дека ќе се случи нешто за мојата фамилија, за мојот син, и затоа не можем да го затворам телефонот, постојано ми е отворен телефонот. Во оваа кризна состојба низ целито свет, предлагам да бидем волонтер да направам една екипа моја составена од синот, зетот, ќерката, сопруга, сват, снаа-сите доктори, рече доктор Џеки.

Тој специјализирал на Воено-медицинска академија (ВМА) во Белград, а поминал вкупно 36 години на работа.

04.12.2022 - 11:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега