Британскиот сој предизвика нов скок на заболените од корона во Србија
Србија денеска бележи нов скок со повеќе од 5.400 новоинфицирани и 39 жртви, како и дополнителен притисок врз одделенијата во болниците, потврдуваат последните податоци на здравствените власти.
Во последните 24 часа, од 18.528 тестирани примероци, 5.471 биле позитивни на коронавирус, во болниците има 7.205 пациенти, а на дишни уреди има 276 повеќе од претходниот ден, објави српското Министерство за здравство.
Зголемувањето на бројот на новозаразени го докажува и фактот дека покрај Белград, каде сè уште има најмногу регистрирани случаи на дневно ниво, 1406, има уште неколку градови со трицифрен број на потврдени инфекции.
Државниот секретар во Министерството за здравство Др. Мирсад Џерлек предупреди дека британската верзија на короната во Србија дејствува брутално, предизвикувајќи сериозни проблеми на здравствениот систем, така што медицинските тимови „ги вложуваат последните атоми сила“.
Запрашан за можноста за олеснување на мерките, со оглед на најавите што деновиве можат да се слушнат од политичките и економските кругови, Џерлек истакнал дека „нема простор за тоа“.
Тој за РТВ Србија денеска изјави дека болниците се полни и дека е потребна „многу поголема сериозност и солидарност“ за да се победи коронавирусот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа