Британскиот принц Вилијам оствари ненајавена посета на полско-украинската граница: Поддршка за народот на Украина

 

Британскиот принц Вилијам вчера ненајавено пристигна во Полска, каде што се сретна со британските и полските војници стационирани во близина на украинско-полската граница, јавува Си-ен-ен.

Вилијам, се додава, ја пофалил нивната „соработка во поддршката на народот на Украина“.

Принцот од Велс најпрвин ја посети базата на територијалните одбранбени сили на 3. бригада во Жешов, каде што се сретна со полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак. Тој ја посети и изложбата на воена опрема.

40-годишниот принц потоа се сретна со членовите на британските вооружени сили за да дознае повеќе за тоа како тие соработуваат со своите полски колеги во операциите за поддршка на Украина.

„Нашите народи имаат силни врски. Со нашата соработка за поддршка на народот на Украина и неговата слобода, кои се наши и ваши слободи, овие врски дополнително се зајакнуваат“, рече престолонаследникот.

„Тука сум затоа што сакам лично да им се заблагодарам на полските и на британските војници, кои работат во блиско и клучно партнерство. Исто така, сакам да му оддадам почит на полскиот народ за инспиративната хуманост. Ги отворивте вашите срца колку и домовите“, продолжи тој.

Ова е прво патување на Вилијам во Полска од 2017 година.

По ненадејната посета на војниците, Вилијам отпатува за Варшава, каде што посети притворен центар, „за да го види од прва рака хуманитарниот одговор и колку е витална поддршката што заедниците во Полска им ја даваат на Украинците што бегаат од војната“.

Повеќе од осум милиони Украинци избегаа во соседните земји од почетокот на војната. Најмалку 1,5 милион украински бегалци остануваат во Полска, според владините процени.

Британското кралско семејство беше невообичаено отворено за војната во текот на изминатата година нудејќи поддршка за Украина во многу ситуации.

„Светот со ужас гледаше на сите непотребни страдања што им беа нанесени на Украинците“, рече кралот Чарлс III минатиот месец во пораката по повод една година од руската инвазија.

„Можам само да се надевам дека изливот на солидарност од целиот свет ќе донесе не само практична помош туку и сила да се знае дека сме обединети заедно.

Чарлс претходно му ја потврди својата поддршка директно на украинскиот претседател Володимир Зеленски кога двајцата се сретнаа во Бакингемската палата на почетокот на февруари, пренесе „Денес.рс“.

23.03.2023 - 19:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега