Од денеска, Велика Британија воведува строги контроли за сите патници кои пристигнуваат од 85 земји во светот. Според новото соопштение на британското Министерство за внатрешни работи, посетителите на кои не им е потребна виза сега ќе мора да поседуваат електронска патна дозвола (ETA), во спротивно ќе им биде одбиен влезот уште пред да се качат во авион.
Оваа дозвола се купува преку интернет и чини 16 британски фунти (околу 21 долар). Иако системот беше најавен претходно, неговото спроведување сега станува ригорозно.
„Авиокомпаниите повеќе нема да дозволуваат влез во авионите на патници кои немаат важечка електронска дозвола, е-виза или друг соодветен документ“, предупредуваат од британското МВР.
Од овој услов се ослободени само британските и ирските државјани, како и лицата кои веќе имаат регулиран престој во Британија. Оваа мерка доаѓа како дел од пошироките гранични промени по Брегзит, додека истовремено и ЕУ воведува слични дигитални проверки за Британците кои влегуваат во Унијата.

