Брегу: Западен Балкан без роаминг од 1 јули- следен чекор намалување на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ

Режимот на домашен роаминг на Западен Балкан од 1 јули 2021 година значи чекор поблиску до намалување на цените на роамингот со Европската унија, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на состанокот на Работната група за роаминг на Западен Балкан.

-Потпишувањето на Договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан во април 2019 година беше историско достигнување и еден од главните резултати на Дигиталната агенда за регионот што ја стави на тест нашата посветеност и доверба во регионалниот дијалог, истовремено носејќи им конкретни придобивки на граѓаните. Убедена сум дека регионот повторно ќе има резултати и дека, кога ќе заврши пандемијата, нашите граѓани ќе уживаат во сите придобивки од регионот без роаминг, оцени Брегу по повод укинувањето на роамингот за Западниот Балкан што статртува за нешто повеќе од четири месеци

Трошоците за роаминг помеѓу Западен Балкан и Европската унија се огромни и не се засноваат на условите на пазарот. Поради исклучително високите трошоци за роаминг, нагласува таа, граѓаните од регионот плаќаат четири пати повеќе за истата услуга отколку граѓаните на Европската унија.

-Нашиот следен чекор е да ги намалиме цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и Европската унија, што ќе бара целосна посветеност на сите вклучени актери, особено телеком операторите, како и подеднакво важната техничка поддршка од Европската комисија, Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија и Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, како и на највисоките претставници од регионот, додаде Брегу.

Дејвид Рингроуз, раководител на одделот во Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија, рече дека регионалната соработка е вистинскиот начин да се постигнат резултати за граѓаните од Западен Балкан, а целосната имплементација на Договорот за намалување на цените на роамингот во регионот е првиот чекор кон намалување на цените меѓу ЕУ и Западниот Балкан. Според Алесандра Сгоби, раководител на сектор во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, треба да го задржиме овој позитивен момент и да ги надградиме успесите на Советот за регионална соработка, бидејќи намалувањето на цените на роамингот помеѓу Западниот Балкан и ЕУ е нешто што регионот ќе го приближи до единствениот пазар на Унијата.

На состанокот, организиран од Советот за регионална соработка, присуствуваа претставници на Европската унија, министри надлежни за информатички и комуникациски технологии и регулаторни тела од регионот кои разговараа за тековниот статус на имплементација на регионалниот Договор за пониски цени на роамингот и за идните чекори кон намалување на цените на роаминг.от меѓу ЕУ и Западен Балкан.

Во првите месеци од спроведувањето на регионалниот Договор за намалување на цените на роамингот, забележано е зголемување на преносот на податоци во роаминг низ целиот регион, како и значително намалување на трошоците за роаминг, помеѓу 83 и 96 проценти, што, како што се наведува, помогна да се подготви укинувањето на роамингот на Западен Балкан, кое треба да започне на 1 јули 2021 година. Западен Балкан без роаминг и намалување на цените на роамингот со Европската унија се дел од програмата за зеднички регионален пазар, на која лидерите на Западен Балкан се обврзаа на самитот во Софија во ноември 2020 година.

Советот за регионална соработка, се наведува во соопштението, ќе помогне на транспарентен и сеопфатен начин во целиот процес на подготвување чекори кон намалување на цените за роаминг помеѓу Европската унија и Западен Балкан, вклучително и во олеснување на регионалните консултации со сите релевантни чинители.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2021 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега