Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за трагичниот настан во кој мајка и ќерка ги загубија животите по пад од балкон. Братот на починатата Ивана, Александар Стојановски, пред судот наслика морничава слика за бракот на неговата сестра, тврдејќи дека таа била жртва на континуирани уцени, физичко насилство и имотен грабеж од страна на обвинетиот сопруг Стојанче Јовановски.
Според сведоштвото, Ивана живеела во паничен страв дека сопругот фалсификувал документи за да ѝ го преземе станот.
„Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот и ѝ барал 30.000 евра за да си оди. Таа не се враќаше кај него доброволно, туку поради страв за сопствениот живот и за безбедноста на 6-годишната Катја. Беше изолирана од пријателите и под постојан надзор“, сведочеше Александар.

