Енергетската безбедност денес претставува заедничка одговорност на регионот и може да се обезбеди само преку поврзана инфраструктура, усогласени политики и заеднички инвестиции, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница во Приштина.
На состанокот, на кој учествуваа министри од регионот, претставници на Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница, се разговараше за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар на електрична енергија и гас, за јакнење на енергетската безбедност и за продлабочување на регионалната соработка.
Божиновска истакна дека визијата на Македонија е изградба на целосно поврзан регионален енергетски систем што ќе ги обедини електроенергетските, гасните и идните водородни мрежи, нагласувајќи дека земјата активно работи на својата интеграција во европскиот енергетски пазар.
Таа информираше дека гасниот интерконектор со Грција треба да биде завршен до 2027 година, додека интерконекторот со Србија е во фаза на подготовка за реализација со очекувано завршување околу 2028 година, што ќе овозможи нови извори на снабдување, вклучително и течен природен гас преку Грција.
На состанокот беше истакнат и напредокот на Македонија во усогласувањето со европското енергетско законодавство, како и пуштањето во функција на интрадневниот пазар на електрична енергија, што претставува чекор кон целосна интеграција во европскиот пазар.
Министерката порача дека иднината на регионот зависи од заедничко делување, а интеграцијата во европскиот енергетски систем ќе придонесе за поголема енергетска сигурност, конкурентност и привлекување инвестиции.
На состанокот беше нагласена и потребата од диверзификација на изворите на снабдување, зајакнување на интерконекциите и зголемување на домашното производство на енергија со цел намалување на зависноста од надворешни извори и обезбедување долгорочна стабилност на енергетските системи во регионот.


