На денешната 128. седница на Собранието, пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, поднесена од пратениците на Левица. Како причини за поднесувањето на интерпелацијата, од партијата ги посочуваат задолжувањата на државниот енергетски систем и, како што наведуваат, изостанувањето на очекуваните резултати во изминатиот период, особено во енергетскиот сектор.

На дневниот ред на седницата се предвидени вкупно 13 точки. Меѓу нив се предлогот за избор на член на Судскиот совет, предлог-одлуката за именување член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и предлог-одлуката за именување член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Пратениците ќе ги разгледуваат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, во второ читање, Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, исто така во второ читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.

Во рамки на седницата ќе се разгледува и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2025 година.

На дневниот ред е и Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во прво читање.

Како последна точка на дневниот ред е предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.

Exit mobile version