Форумот на жени на СДСМ денеска упати жесток напад до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, барајќи негова итна оставка по низата трагични настани поврзани со семејното насилство. Маја Борозан на прес-конференција порача дека неспособноста на институциите довела до непотребно губење човечки животи.
Борозан потсети на трагедијата во Карпош, каде што животот го загубија мајка и малолетно дете, истакнувајќи дека МВР имало сознанија за дури 12 претходни пријави за насилство кои биле игнорирани.
„МВР на Панче Тошковски имало сознанија и индиции за сериозен ризик, но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите. Дополнително, насилството врз жените се гони по службена должност, но МВР потфрли и во Велес и во случајот со серискиот убиец во Старо Нагоричане“, изјави Борозан.
Според неа, проблемот со нефункционирањето на системот почнува од самиот врв на министерството, завршувајќи го своето обраќање со директната порака: „Рацете ви се крвави, оставка!“

