Борко Ристовски: Следуваат нови капитални проекти
Македонскиот спорт многу брзо ќе ги почувствува позитивните придобивки од формирање на новото Министерство за спорт со реализација на програмата и зацртаните проекти, најави министерот за спорт Борко Ристовски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
-При крај сме со изработката на новите правилници и критериуми кои ќе значат финансирање на спортот на вистински начин без можност за корупција и разни влијанија. Уште еднаш ќе повторам дека Агенцијата за млади и спорт воопшто ги немаше буџетирано тие средства од околу 10 милиони евра државна помош за спортот. Ние со ребалансот на буџетот ги обезбедивме тие средстава и направивме еден поинаков начин на финансирање. Во прв план ќе се финансира врвниот спорт со околу 85 милиони денари што не е мала сума, потоа доаѓаат средствата од т.н. ваучер, односно, државна помош или субвенционирање во спортот кои се во висина од 550 милиони денари, па пред крај на годината уште една транша од околу 85 милиони денари наменети за развој на женскиот спорт, поддршка на млади таленти и за сите оние кои што имаат индивидуални програми, како и за рекреативниот спорт. Се обидуваме да ги опфатиме сите гранки во спортот и да ставиме акцент на врвниот спорт и поддршка на младите таленти преку финансирање на нивните програми што е апсолутно различно од сѐ она што беше досега, истакна Ристовски.
- Ако Министерството за спорт во овие неполни три месеци колку што функционира успеа да изнајде средства од околу 160 милиони за финансирање во спортот, моралната дилема ми е и се наметнува прашањето каде биле или каде оделе досега овие средства? Можеби биле распределувани како што биле, но јасно е дека парите не оделе на вистинско место затоа што не гледавме развој на спортот – посочи министерот за спорт.
Ристовски потенцираше дека резултатите, проектите и активноста на федерациите и клубовите ќе бидат основниот критериум по кој во иднина ќе се распределуваат средствата од државата наменети за поддршка на спортот. Посебен акцент ќе биде ставен на врвниот спорт и поддршка на младите таленти, но и на подобрување на спортската инфраструктура.
-Од следната година планираме досегашните 10 милиони евра кои што беа државна субвенција за спортот да ги зголемиме на 15 милиони евра, што значи за 50% да ја зголемиме помошта од државата за спортот. Средствата од тој „спортски денар“ од нафтените деривати планираме да ги искористиме во капитални инвестиции. Тоа подразбира сѐ она што е за реновирање, реконструкција и изградба на нови објекти кои ќе значат подобри услови за спортот. Нашата насока на функционирање ќе биде во тој дел. За следната година во план ни е изградба на 5 нови спортски сали, отпочнување на новиот спортски комплекс во Гази Баба, изградба на спортска сала во населба Бутел наменета за олимписки спортови... Не можеме и не смееме да си дозволиме тој луксуз да бараме резултати од спортистите, од екипите и од федерациите, а да ги немаат основните услови за функционирање, да немаа сала каде да тренираат. Мора да почнеме од основата, а тоа е создавање нормални услови за функционирање на спортот – истакна министерот Борко Ристовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа