Борел: Државата да не се враќа назад, да се создадат услови за усвојување на уставните амандмани

 

Денеска во Владата прес-конференција одржа премиерот Димитар Ковачевски, заедно со високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и со комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ.

„Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и членство во Европската Унија. Имаме уверување од Европската унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија“, соопшти Ковачевски.

Високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, на прес- конференцијата рече дека иднината на Република Северна Македонија е во Европската Унија, дека е клучно е да државата да не се враќа назад, туку да се продолжи со усвојувањето на реформите, како и да се создадат услови да се усвојат уставните амандмани. Потребно е сите политички партии да ги преземат своите обврски и искрено да работат во оваа насока, порача Борел.

Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ, нагласи дека за Европската Унија е важно да има сигурни сојузници како што е Република Северна Македонија и се придружи на пораката дека местото на нашата држава е во Унијата. Од наша страна ние сме подготвени, ни треба Северна Македонија, рече еврокомесарот Вархеји, нагласувајки дека – како од Владата, така и во Парламентот денеска очекуваат да слушнат дека нема нешто што ги кочи неопходните реформи за пристап на нашата држава во Европската Унија.

Во одговорите на новинарски прашања премиерот Ковачевски посочи дека ваквите стратешки прашања, како што се евроинтеграциите, не смее да се дел од дневната политика, за да се овозможи членството на Северна Македонија во Европската Унија. Високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Борел, оцени дека Република Северна Македонија веќе е мултиетничка држава и измената на Уставот само ќе ги унапреди уставните права, а со тоа и ќе се зачува идентитетот и ќе се продолжи напред по евроинтеграцискиот пат.

Прес конференцијата на премиерот Ковачевски, со високите европски претставници Борел и Вархеји се одржа по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, денеска во Скопје.

 
17.03.2023 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега