Борче Треновски: Дали општините имаат капацитет да ги исполнат дадените ветувања на граѓаните?
Проф. д-р Борче Треновски, од Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, смеат дека и овие ликални избори поминаа со понуди на проекти, кои се меѓу реалноста и можноста за реализација. Што пак уште еднаш покажува дека на локалната самоуправа и потребна сериозна реформа. Во интервју за Прес24, прави оценка на изборните понуди, но и анализа за клучниот промблем на локаните самуправи, а тоа финансирањето и администрацијата.
-Она што вешто го избегнуваа сите градоначалници беа темите поврзани со реформите, локалните политики за обезбедување на средства за финансирање на овие проекти. Реалноста на ветувањата е она што ги интересира граѓаните, затоа што ветувањата и подигнатите очекувања со себе носат и поголеми разочарувања и намалена доверба во институциите, што понатаму прави долгорочна штета на системот, вели професорот Борче Треновски во интервју за Прес 24.
Според него општинската администрација е клучен сегмент за реализација на предвидените општински проекти, испораката на локални услуги/добра и реализација на локалните надлежности.
-Капацитетите и ерозијата на општинската администрација е евидентна подолг временски период – причините за истото се слични со ерозијата на администрацијата на централно ниво (висина на плати, атрактивност на работно место, политички влијанија итн.). Ако се споредат различните општини јасно ќе се види дека општини со сличен обем/големина/жители понекогаш имаат и двојно побројна администрација од други општини. Оттука функционална анализа на општинската администрација е неопходна, која делумно може да резултира и во насоки/критериуми за систематизација и начинот на вработување во општините во иднина. Бројноста на општинската администрација не е единствен проблем – нејзиниот квалитет/капацитет, нејзината стручност, континуирана едукација е исто така сериозен предизвик кој не смееме да го запоставиме. Меѓутоа едно треба да биде јасно - општинската администрација е како крвотокот во организмот - без квалитетна општинска администрација општинскиот организам ќе атрофира, вели Треновски во интервјуто.
ПРЕС24: Завршија уште едни локални избори. Поприлично тензична кампања, резултатот е тој што е, но она што сакам да Ве прашам е каква е Вашата оценка од аспект на ветувања, од аспект на понуди што ги имаа партиите?
ТРЕНОВСКИ: Она што можеше да се забележи од ветувањата на кандидатите за градоначалници беше големата сличност во нивните ветувања, иако различен интензитетот и определени специфики во ветувањата исто така можеше да се забележат. Во фокусот за овие локални избори доминантно беа прашања поврзани со животната средина, урбанизмот, поголемата транспарентност и отчетност на локалната власт, како и стандардните теми за подобрување на инфраструктурата. Она што вешто го избегнуваа сите градоначалници беа темите поврзани со реформите, локалните политики за обезбедување на средства за финансирање на овие проекти. Реалноста на ветувањата е она што ги интересира граѓаните, затоа што ветувањата и подигнатите очекувања со себе носат и поголеми разочарувања и намалена доверба во институциите, што понатаму прави долгорочна штета на системот. Во оваа насока е особено важно да се имаат предвид неколку факти - со исклучок на Град Скопје со општините во останатите урбани општини трансферите/зависноста од централната власт просечно достигнува околу 75-78%, а во руралните општини зависноста од овие трансфери се движи во просек околу 83-85%. Оттука со сопствените локални средства од околу 15-25%, реализација на голем дел од најавените/ветените проекти станува особено тешка мисија. Дополнително на ова, со исклучок на 7-8 општини кај останатите и капацитетот за задолжување и обезбедување надворешни средства е прилично ограничен. Од моја гледна точка, незначително беа спомнати темите кои се основа за исполнување на понудата/ветувањата кај градоначалниците, како што се: капацитетот на локалната администрација за да ги реализира овие ветувања во доменот на човечки ресурси, капацитети за собирање на локалните приходи, инспекциски служби, планирање и реализација на инфраструктурни проекти итн.; обезбедување на локални приходи и политичката волја за ревизија на постоечките локални даноци и такси, како и кратење на голем дел од непотребните расходи; рационализација на општинската администрација; законските основи и можности за реализација на дел од најавените ветувања итн.
ПРЕС24: Во многу од ветувањата на дел од кандиадатие можеше да се слушне дека речиси секој покапитален проект е врзан со поддршка од централната власт. Дали тоа значи дека македонската локална власт е практично нефункционална?
ТРЕНОВСКИ: Со мали исклучоци зависноста на најголем дел од македонските општини од централната власт е голема. Тука се испреплетуваат поентите (зависно од аспектот на гледање на прашањето централно/локално) дали централната власт сака да го држи локалниот сектор под контрола, или капацитетите на локалниот сектор се ограничени па давањето поголема слобода (пред се финансиска) не би била рационално искористена од општините. Вистинската сила и моќ на локалната власт доаѓа од нејзината можност за најдиректно утврдување на локалните проблеми/потреби и можноста да се делува локално и прецизно за нивно решавање. Поврзувањето на реализацијата на локалните капитални проекти со централната власт носи со себе значајни ризици. Доколку не постои воспоставен транспарентен систем на распределба на капиталните проекти и трансфери (каков што ние немаме воспоставено) се создава основа за арбитрарно, политички или по друга основа селекција на општините кои ќе добијат определен капитален проект, или утврдувањето на износи на капитални трансфери кои би ги добиле. Оттука, воспоставувањето на таков систем со конкретен транспарентен систем на приоритизација на проектите, соодветна рамномерна распределба, утврдување на резултатите од секој од проектите доделени на општините - е неопходен. Овој процес треба да се имплементира паралелно со унапредување на сопствените фискални капацитети на општините со цел самите да можат да планираат, реализираат, а што е најважно финансираат поголеми капитални проекти.
ПРЕС24: Владата пред извесно време најави нов модел за финансирање на општините кој генерално пак е врзан со пари од државниот буџет. Колку тоа решение е практично и корисно?
ТРЕНОВСКИ: Моделот за финансирање на општините кој го најави Владата/Министерството за финансии е одамна барање на ЗЕЛС и општините со цел зголемување на нивната финансиска независност и капацитет. Повеќе анализи укажуваа на потребата од дополнително финансирање на македонските општини со цел поефикасно обезбедување на неопходните локални услуги – пред се со зголемување на процентот кој го добиваат општините од ДДВ и данокот на доход. Износите (процентите ) кои ги бараа општините се поголеми, меѓутоа и ова е соодветен напредок, имајќи предвид дека дополнителните финансиски средства општините ќе можат самостојно да ги алоцираат согласно локалните потреби – споредено со трансферите кои ги добиваат и кои се за конкретна намена. Делот со постепено зголемување на овие износи во следните години исто така добра практика, имајќи предвид дека кај голем дел од општините капацитетите за ефикасна алокација на финансиски ресурси се уште е ограничен. Еден пример од нашето соседство (Србија) покажа што може да се случи ако се зголеми значајно финансиската поддршка за општините без соодветно барање за отчетност и скромен капацитет на општинскиот финансиски менаџмент – поголемите финансиски средства доминантно се прелеаја во зголемување на бројот на вработени на локално ниво, по што дел од поддршката/регулативата беше повлечена. Иако скромни во износ и најавените фондови за еквализација и перформанси се позитивно искуство, меѓутоа се уште ги немаме видено уредбите и критериумите/индикаторите кои ќе се користат за распределба на овие фондови. Ова е особено важно, затоа што на пример кај фондот за еквализација е неопходно да го земе во предвид различниот напор (желба) на локалната власт да ги прибира сопствените локални приходи.
ПРЕС24: Како општините да станат финансиски независни?
ТРЕНОВСКИ: Ова е клучно прашање кое може едноставно да се одговори, меѓутоа неговата реализација не е едноставна и преставува повеќегодишен процес кој македонските општини ќе мораат со позабрзано темпо да го имплементираат. Овој процес вклучува повеќе клучни фактори – силна и добро екипирана општинска администрација, добар општински менаџмент кои има волја да биде финансиски независен (пред се добар Градоначалник и менаџмент тим), соодветна законска рамка која ќе подржува финансиски независни општини (делумно имаме законска рамка), силен и функционален Совет кој треба да ги мониторирање сите процеси, информирани и финансиски едуцирани граѓани и бизнис сектор. Неколку информации во оваа насока ќе укажат на моменталните сотојби и капацитети за Финансиска независност на општините – 81 општина ги опслужуваат околу 18 даночни инспектори и истите се надлежни за даночна инспекција и инспекција за наплата на комунални и други локални даноци и такси; реализацијата на сопствениот буџет (општинските приходи) на општините во последните 5 год. е околу 60-70%; само околу 2/3 од општините имаат внатрешна финансиска контрола и ревизија, а отприлика толку биле и воопшто предмет на државна ревизија; незначителен дел од општините направиле промени во своите прописи со цел зголемување на наплатата или воведување нови локални приходи.
ПРЕС24:. Каква децентралзација на власта всушност и е потребна на Македонија? Организацијата на локална власт во Македонија неколку пати се менуваше. Таа територијана организација се моделираше и по политички желби. Во моментов има 80 општини од кои над 40 се мали селски средини. Генрално дали Македонија е зрела за нова територјална поделба, или пак сегашниот модел е најсоодветен?
ТРЕНОВСКИ: Имајќи ги предвид досегашните искуства кои ги имаме од процесот на децентрализација и резултатите кои истите ги донесоа – можеби е веќе време да се зборува за трета фаза во процесот на децентрализација. Ефикасноста на децентрализацијата е правопропорционално со ефикасноста и капацитетите на децентрализираните единки/општини. Клучно за граѓаните на општините е обезбедувањето на локални добра и услуги согласно јавните потреби и приоритети. Досегашниот развој на општинската мрежа покажа дека дел од општините (1/3 мали и рурални) останаа особено зависни од централната власт и дека имаат ограничен капацитет во обезбедување на услуги за своите граѓани. Дел од нив не кријат дека имаат проблем со капацитетите кои ги поседуваат да реализираат дел од надлежностите кои им се доделени со Законот за локална самоуправа и кои треба да ги испорачаат. Оттука следната фаза на процесот на децентрализација е потребно да почитува два принципи: едниот претставува утврдување и ефикасно обезбедување на локални јавни услуги во секоја од општините согласни конкретните потреби на граѓаните; вториот принцип преставува распределба на надлежностите помеѓу општините согласно реалниот капацитет на општините да ги реализираат тие надлежности. Ова како пример би можело да значи дека утврдувањето и контролата на испораката на потребните добра и услуги во дел од општините (кои имаат ограничени капацитети) ќе остане во нивна надлежност, меѓутоа испораката/реализацијата надлежности (социјала, животна средина, внатрешна контрола/ревизија, даночна инспекција итн.), ќе биде обезбедена од општините кои имаат капацитет за истото. Се разбира ова не е едноставен процес и понатаму ќе наметне промени во законската регулатива, пред се во Законот за локална самоуправа, Законот за финансирање на ЕЛС и другите соодветни закони.
ПРЕС24:Има еден друг аспект врзан со локалната власт, а тоа адмиснтративната комппнента. На пример има општини со превработеност, како и оппштини со непрганизирана администрација. Колку тоа е сериознен проблем?
ТРЕНОВСКИ: Ова можеби е вистинското прашање. Општинската администрација е клучен сегмент за реализација на предвидените општински проекти, испораката на локални услуги/добра и реализација на локалните надлежности. Капацитетите и ерозијата на општинската администрација е евидентна подолг временски период – причините за истото се слични со ерозијата на администрацијата на централно ниво (висина на плати, атрактивност на работно место, политички влијанија итн.). Ако се споредат различните општини јасно ќе се види дека општини со сличен обем/големина/жители понекогаш имаат и двојно побројна администрација од други општини. Оттука функционална анализа на општинската администрација е неопходна, која делумно може да резултира и во насоки/критериуми за систематизација и начинот на вработување во општините во иднина. Бројноста на општинската администрација не е единствен проблем – нејзиниот квалитет/капацитет, нејзината стручност, континуирана едукација е исто така сериозен предизвик кој не смееме да го запоставиме. Меѓутоа едно треба да биде јасно - општинската администрација е како крвотокот во организмот - без квалитетна општинска администрација општинскиот организам ќе атрофира.
ПРЕС24: Ако се погледне структурата на Советите, чинам дека Македонија е една од ретките држави со голем број на членови на Советите. На пример Градот Скопје има 45 советници, а еден Лондон 25 Советници. Зошто потреба од толкава бројка на советници?
ТРЕНОВСКИ: Советот има особено важна улога во општинскиот систем на добро управување – клучните буџетски документи, развојни програми и проекти, јавни набавки, стратешки документи поминуваат на Советот. Советот на општината треба да биде гарант на квалитетна и ефикасна испорака на услуги за граѓаните и домаќинско работење со општинските ресурси. Оттука според мене бројноста на Советот е од секундарно значење во овој момент - многу поважно е да се отворат прашања за – процедурите за избор на советниците, нивниот профил и квалификации, нивниот начин на делување, нивниот интегритет, комуникацијата со граѓаните и посебно резултатите од нивната работа. Од она што се гледа во последната деценија во нашата држава, политичкиот избор на советниците често е директно поврзан со нивното политичко делување. Тоа се разбира нема само по себе да преставува проблем - ако не е евидентни случаите кога заради политичка конфронтација, определени одлуки или проекти не се поддржуваат (да го уништиме противникот), а на сметка на благосостојбата на граѓаните. Клучна е едукацијата на советниците, посебно за нивната функција и улога и се разбира нивната одговорност како претставници на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа