Православните верници денеска го одбележуваат големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој се слави уште од вториот век. Според христијанското предание, на овој ден Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, а празникот го носи името Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата.

И годинава продолжува вековната традиција на положување на Чесниот крст во осветените води. Скопската православна епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар.

Како што информираат од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, околу 160 граѓани годинава се пријавени за учество во фаќањето на крстот. Право на учество имаат лица во добра здравствена состојба, со лична карта и потврда од спортска медицина, додека малолетници можат да учествуваат со дозвола и присуство на родител.

Одбележувањето на Богојавление во Скопје ќе започне во 9 часот со света архијерејска литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. По литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе се изврши водосветот, а околу 12 часот ќе биде положен Чесниот и животворен крст во водите на Вардар.

Во Охрид, централната богослужба ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“, а богослужби и литии ќе има и во црквите „Св. Никола – Геракомија“, „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Литиите ќе се соберат на Градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се одржи големиот Богојавленски водосвет и ќе се положи Чесниот крст во водите на Охридското Езеро.

Годинава, за првпат Чесниот крст во езерските води ќе го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката Георгиј. Најавено е и присуство на претседателката на државата.

Според народните верувања, оној што ќе го фати крстот ќе го следат среќа и благослов во текот на целата година, а се верува и дека со положувањето на крстот водите стануваат лековити.

Согласно Законот за празници, Богојавление – Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Exit mobile version