Бобан Стефковски: Гази Баба се гради и менува
-
Изминуваат првите 100 дена од вашиот мандат. Колку функцијата градоначалник на општина Гази Баба го промени приватниот живот?
Одговор: Би кажал дека промената во приватниот живот најмногу се однесува во помалку слободно време кое најмногу го чуствува моето семејство на кое сум им благодарен за силната поддршка и разбирање. Моите Марио и Матео се мојот мотив плус да ја вложам целата своја енергија за општина Гази Баба да ја направиме подобро место за живеење. Во изминатиот период имам помалку време за средби со пријателите и другарите, но практикувам еднаш неделно, дел од попладневните часови да го посветам за спортска рекреација со другарите.
-
Како е планиран работниот ден на градоначалникот на општина Гази Баба?
Одговор: Најчесто агендата на состаноци и активности ја подготвуваме однапред за целата работна недела, но често на дневна основа се додаваат активности. Работниот ден го започнувам во 08:30 часот, а веќе во 09:00 часот е закажан и првиот состанок во општината. Денот го делам на два дела, во првиот дел од денот повеќе практикувам да бидам на терен помеѓу граѓаните и на увид во градежните работи на започнатите проекти, бидејќи едно од моите ветувања беше дека местото на градоначалникот е на терен помеѓу граѓаните, а не во кабинетот. Вториот дел од денот оддржувам состаноци со соработниците на кои ги разгледуваме плановите за реализација на идните проекти и правиме проекции. Секако тука не изостанува и приемот на граѓани кои доаѓаат во општината и бараат средба со мене за одреден инфраструктурен проблем или пак некој личен проблем со одредена постапка во општината и слично. Крајот на работниот ден е некаде околу 19:00 часот.
-
Што е она што се реализираше во општина Гази Баба во првите 100 дена од вашиот мандат?
Одговор: Гази Баба се гради и менува. Под ова мото може да се сублимираат резултатите од работата во општина Гази Баба во изминатите 100 дена. Уште од почетокот на мојот мандат како градоначалник на општина Гази Баба, со забрзано темпо се зафативме со реализација на изборната програма за која граѓаните ми ја дадоа довербата на изборите. Изминатите 100 дена работевме макотрпно и одговорно, чесно и посветено. За тоа говорат реализираните проекти и активности во скоро сите области. Со задоволство можам да кажам дека се што планиравме за првите 100 дена, го реализиравме. Асфалтиравме локални улици во должина од над 2000 метри и тампониравме улици во должина од над 2500 метри. Изградивме тротоари и пешачки патеки во должина од 1300 метри. Комплетно ја реализиравме првата фаза од изградбата на фекалната канализација во Страчинци, инвестиција вредна 5.173.334 денари. Ја започнавме втората фаза на фекална канализација во населеното место Гоце Делчев, инвестиција вредна 10.603.377 денари. Го решаваме проблемот со водоснабдувањето на жителите во Брњарци и Раштак. Направивме реконструкција на резервоарот за водоснабдување во Црешево, го решивме проблемот со губењето на водата во Црешево по цели 25 години. Реконструиравме кошаркарски игралишта во Железара и Ченто со поставување на тарнат подлога и нови табли на кошевите. Најмладите се наша инспирација и императив за кои се грижиме да добијат услови за безгрижно детство, но и квалитетно образование и воспитание за што отворивме катче за учење и дружење во ООУ Стив Наумов во Автокоманда и сензорна соба во ООУ Дане Крапчев во Ченто. Од аспект на социјалната заштита, воведовме еднократна парична помош за секое новороденче во висина од 5000 денари и еднократна парична помош за секое првоодделенче во висина од 3000 денари. За прв пат во општината воведовме субвенции за надомест на трошоците на граѓаните за купени велосипеди и електрични тротинети, чистење оџаци и субвенции за вградување уреди за течен нафтен гас на автомобилите. Ова е само почеток, следуваат години на напредок и развој за нашата Гази Баба.
-
Што е она што може да се каже дека е на врвот на вашите приоритети?
Одговор: Дефинитивно на врвот се наоѓа заштитата на животната средина. И во таа насока, ветив и во првата недела од мандатот направив ревизија и донесов решение за запирање на постапката за отворање на нов хемиски отпад на територија на општина Гази Баба, нешто што беше започнато од мојот претходник. Двојно ги зголемивме средствата за подигање на нови зелени површини, а изминатиот период веќе реализиравме неколку акции за засадување на различни видови на садници на повеќе локации низ општина Гази Баба. Исчистивме 35 диви депонии, воведовме попладневни еколошки контроли во кој и јас лично учествувам со цел санкционирање на несовесните граѓани кои депонираат отпад на јавни површини, двојно го зголемивме буџетот за субвенции за набавка на инвертер клими и печки на пелети. Граѓаните можат да бидат спокојни, додека сум јас градоначалник на ниту еден метар квадратен нема да дозволам отворање на нова тешка и загадувачка индустрија, напротив Гази Баба ќе ја направиме најзелена општина во Градот Скопје.
-
Кои се плановите за реализација на проекти во општина Гази Баба за 2022 година?
Одговор: 2022 година за општина Гази Баба ќе биде година на напредок и развој. Го донесовме досега најразвојниот буџет на општината кој беше напишан во една транспарентна постапка во која граѓаните ги даваа своите идеи и предлози. 750 граѓани дадоа свој придонес во пишувањето на буџетот. Во годината пред нас планираме изградба на најмалку една детска градинка, една училишна спортска сала за ООУ Наум Охридски во Булачани, ќе изградиме детски и спортски игралишта, планираме реконструкција на голем број на локални улици, како и продолжување на проектите за изградба на фекалните канализации во сите населени места каде што е потребно. Верувам дека ќе успееме да ја изградиме и новата училишна зграда за ООУ Крсте Мисирков во Ченто, како и голем број на други проекти со кои општина Гази Баба ќе ја направиме подобро место за живеење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа