Блупринт: Не постои правен основ за разрешување на претседателката на Судскиот совет

Ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со вчерашната седница на Судскиот совет на која беше разрешена претседателката Дамева.

Од Блупринт групата изразуваат загриженост околу, како што наведуваат во денешната реакција, ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет.

Тие апелираат членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.

Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, укажуваат од Блупринт, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во земјата.

– Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување на судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет на Република Северна Македонија предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија, се наведува во реакцијата.

27.04.2023 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега