Доколку Европската Унија не отстапи од планот за воведување на јаглеродната такса за земјите членки на Енергетската заедница (ЕЗ), регионот наместо да се интегрира со ЕУ, ќе биде принуден на тргување со електрична енергија исклучиво помеѓу земјите кои не се дел од Унијата.

На ова предупреди Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), на трибината „Центар за енергетска политика на Западен Балкан“ што се одржа во Приштина.

Бислимоски образложи дека крајната цена на електричната енергија што ќе се нуди на отворениот пазар нема да биде конкурентна, бидејќи „цената ќе се зголеми поради јаглеродната такса“.

Според него, иако земјите од Енергетската заедница соработуваат и испорачуваат реформи (како имплементацијата на енергетските пакети, функционирањето на берзите и зајакнувањето на меѓуграничните капацитети), јаглеродната такса може да ги поништи сите напори за спојување на пазарите и привлекување нови инвестиции.

Претседателот на РКЕ нагласи дека производството на електрична енергија од јаглен останува присутно и доминантно во регионот, бидејќи обезбедува базна енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Токму овој факт ќе биде пречка:

„Со имплементација на јаглеродната такса, ќе се блокира интеграција на земјите од Западен Балкан со земјите членки на ЕУ. Нема шанси сопственик на производствен капацитет од овие земји да извезува надвор од ЕУ и ќе останеме затворени во регионална рамки“, порача Бислимоски.

Тој посочи дека иако Западен Балкан има потенцијал во сонцето и ветерот и сите нови инвестиции се токму во обновливи извори, Европа мора да биде свесна дека реформите треба да бидат поддржани низ процес на субвенции за да ги почувствуваат граѓаните.

Бислимоски, исто така, ја нагласи врската помеѓу енергетските реформи и животната средина, особено загадувањето на воздухот.

„Ние живееме во средина каде воздухот е исклучително загаден и трошиме многу пари за лекување на граѓаните. … Неопходно е во целост да се реконструира финансиската помош за ранливите потрошувачи и да се ремоделираат условите за употреба на фотоволатичните централи кај домаќинствата. На овој начин граѓаните ќе разберат дека реформите се за заедничко добро“, изјави Бислимоски.

Exit mobile version