Сите македонски државјани кои се наоѓаат во кризните региони на Блискиот Исток и сакаат да си заминат, ќе бидат вратени во земјава до крајот на оваа недела, при што трошоците за евакуација целосно ги покрива државата. Ова го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Причината е тоа што државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излезе во пресрет на граѓаните“, нагласи Муцунски, упатувајќи повик до сите заинтересирани да стапат во контакт со Министерството. При качувањето на летовите, строг приоритет им се дава на жените, децата, како и на лицата кои таму се нашле исклучиво туристички.

Состојбата по држави:

  • Обединети Арапски Емирати: Вчера од Дубаи успешно е евакуиран 151 патник. Покрај наши државјани, Македонија покажа солидарност извлекувајќи и граѓани на Црна Гора, БиХ, Украина, Косово, Србија и Холандија. Во ОАЕ има уште околу 430 македонски државјани, за кои се планирани уште два лета неделава. Министерот потврди дека на вчерашниот лет не се појавиле 14 лица кои претходно барале евакуација.
  • Израел: Евакуирани се сите лица кои побарале помош. Останува само уште едно лице чие извлекување ќе се реализира штом се создадат безбедни услови на терен.
  • Останат дел од регионот: Во Доха од 162 лица, 89 сакаат да се евакуираат. Граѓаните од Кувајт (36), Бахреин (15) и Саудиска Арабија (5) ќе бидат транспортирани до Ријад, од каде со директен лет ќе пристигнат во Македонија.

На крајот од своето обраќање, Муцунски упати остра критика до дел од медиумите поради ширење дезинформации. „Ширењето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои деноноќно работат за безбедноста на граѓаните и може да го наруши меѓународниот углед на државата“, предупреди министерот.

Exit mobile version