Бесими: Зголемувањето на минималната плата e системско и одржливо решение кое ќе влијае на продуктивноста и на конкурентноста

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека зголемувањето на минималната плата не значи само еднократен пораст на минималната плата, туку дека се предлага едно системско и одржливо решение преку новата методологија за усогласување на минималецот.

-Зголемувањето на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари е еднократно зголемување на минималната плата со цел да се зголеми учеството на минималната во просечната плата. Но, она што е клучно е дека станува збор за системско решение преку новата методологија за усогласување на минималната плата со 50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живеење, истакна Бесими во интервју за „Агенда 35“ на МРТ.

Се очекува, вели Бесими, тоа да влијае на зголемување на продуктивноста, како и на конкурентноста на економијата. Ова, смета тој, е мерка којашто се надополнува на мерките што се преземаат за поддршка на стопанството, зајакнувањето на човечкиот капитал и конкуреноста, а со тоа и на стапките на раст.

Годинава, главни предизвици кои ќе влијаат на проекциите на раст, според Бесими, се енергетската криза и цените на европските пазари.

– Како и за време на пандемијата, кога креиравме и реализиравме пакети за поддршка придонесувајќи падот на БДП да биде ублажен за 4,2 проценти во 2020 година, реагиравме проактивно и во однос на енергетската криза. За да нема застои и да се обезбеди редовно снабдување на електрична енергија и цената на регулираниот пазар да биде ублажена, во ноември и декември 2021 година се обезбедени 90 милиони евра и во текот на оваа година околу 80 милиони евра. Дополнително една од мерките беше и намалувањето на ДДВ за електрична енергија, потоа пониската цена која ја понуди ЕСМ од цената на чинење, за да нема поголем раст на цената на електричната енергија кај домаќинствата. Друга мерка е и поддршката на ранливите категории кои добиваат поддршка за електрична енергија и опфаќа над 35.000 домаќинства и 9.000 пензионери, како и мерката за енергетска сиромаштија што се спроведува откако по прогласување на енергетската криза, потенцира Бесими.

Вели дека во кризен период треба да се реагира веднаш и ургентно за да се спаси економијата и да се ублажат ефектите, а на среден рок да се постават темелите на фискалната одржливост.

– Тоа го направивме минатата година во Буџетот во 2021 година каде дадовме една петгодишна рамка. Буџетскиот дефицит од 8,2 проценти во 2020 година, во 2021 година го намаливме на 5,4 проценти, а беше проектиран на 6,3 проценти. Оваа година имаме проекција на буџетскиот дефицит од 4,3 проценти и со проекција до 2026 година да се сведе на ниво од 2,2 проценти. Тоа значи дека помал буџетски дефицит со повисоки стапки на раст ќе придонесе кон намалување на јавниот долг. Притоа на среден рок проектиравме забрзување на економскиот раст. Ако во 2021 година очекувавме 4,1 проценти (или повеќе), во 2022 година проектираме раст од 4,6 проценти и истиот во наредните години да надмине 5 проценти на годишно ниво, посочи Бесими во интеврјуто. 

10.02.2022 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега