Бесими: Со прераспределбата се обезбедува гарантирана исплата на зголемените плати, пензии и поддршка на стопанството
Предлог-одлуката за распределување на средства помеѓу буџетските корисници е одлука за реалокација на средства за исплата на зголемените плати за вработените во јавниот сектор, од овој месец, нешто што е договорено со синдикатите, исплата на зголемените пензии за 6% за пензионерите од октомври, што е согласно методологијата што ја утврдивме заедно, средства за социјални права, повеќе средства за земјоделски субвенции, за лекот трикафта за 55 пациенти и за мерачи за лицата со дијабет.
Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Собранието каде на пленарна седница започна расправата по дополнетата Предлог-одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, која содржи и 8 амаднмани кои беа прифатени во рамки на комисиската расправа.
„Вредноста на оваа реалокација е околу 300 милион евра, која се прави без да се зголеми дефицитот, а се обезбедуваат средства за сите трошоци што се предвидени“, истакна министерот Бесими и додаде дека тоа е направено од ставки каде има помала динамика на реализација, со заштеди и зголемени приходи од придонеси.
За исплата на зголемените плати во октомври, ноември и декември за сите вработените во јавната администрација се обезбедени 4,25 милијарда денари, за зголемените пензиите од 6% за пензионерите се обезбедени 3,5 милијарди денари, 1,8 милијарди за поддршка на домашните и странски компании, 800 милиони денари за субвенции, 600 милиони денари за исплата на социјални права за гарантираната минимална помош, 290 милиони денари за зголемениот износ на студентскиот оброк и стипендии за ученици и студенти, 260 милиони евра за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест.
„Гарантираме дека во текот на оваа година Буџетот ќе биде ликвиден и дека ќе се сервисираат обврските за исплата на плати, пензии и други обврски, како и за средства за справување со предизвиците од кризата“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа