„Беса Транс“ имала важечка лиценца за превоз, седиште во Ќустендил, а на адресата се регистрирани уште 23 фирми

Превозникот „Беса Транс БТБ“ ул. 1 бр. 1, Рашче, Скопје, чиј автобус ноќеска имаше сообраќајна несреќа во која загинаа 46 лица, имала важечка лиценца до 8 август следната година. Компанијата, како што јавија бугарските медиуми, имала седиште во Ќустендил, а канцеларии има во Скопје и во други градови низ државата. На адресата на фирмата во Ќустендил регистрирани се уште 23 фирми.

Бугарските медиуми јавија дека фирмата функционира од 2011 година, а од 2019 година нејзин управител е Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло.

Предмет на дејност на „Беса Транс ЕООД“ е купување на стоки или други предмети со цел продажба во оригиналнаили обработена форма, производство на сопствени стоки за продажба, активности на провизија, шпедиција, складирање и лизинг, комерцијално застапување и посредување, транспорт, хотел, ресторан, туристички и рекламни активности, такси услуги во земјата и странство, информативна, програмска и импресарио активност; купување, изградба или опремување на недвижен имот за продажба, надворешна, домашна, консигнациона, извозна и реекспортна трговија, архитектура, дизајн и внатрешен дизајн; агенција на бугарски и странски фирми и физички лица во земјата и странство, комуникации, инженерство, надворешна трговија, меѓународен транспорт.

Адресата на фирмата е улица „Цар Ослободител“ бр. 51. Но, како што јавува БТА, повикувајќи се на изјави на соседите, на оваа локација никогаш немало фирма. На адресата живее постара жена.
 
– Веројатно се работи за две фирми со исто име. Нашата компанија нема никаква врска со превоз на луѓе. Ние не се занимаваме со туризам. Фирмата регистрирана на нашата адреса е сосема различна и е регистрирана многу пред 2011 година. Овој Албанец не го знаеме и немаме никаква врска со фирмата, изјави за БТА, Румен Георгиев, кој дошол да се грижи за својата мајка.
 
Жената изјавила дека нејзиниот друг син има товарна компанија, но живее во Благоевград и моментално е во Италија каде превезува стока со камион.
 

Од Секторот за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски информираа дека превозникот има важечка лиценца и дека барањето е евидентирано под број 08-4127/1 од 18.07.2018 година.

-Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година. Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање на извод од лиценца за ново набавено возило, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Компанијата досега немала сообраќајни незгоди, но како што изјави шефицата на ОЈО Вилма Рускоска, мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобус бил нов, и во функција е само три години

23.11.2021 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега