Беса Адеми: Транспарентноста е клучен принцип за заштитата на јавниот интерес и на човековите права

Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, учествува на Конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа која во организација на CEELI институтот се одржува во Прага.

На Конференцијата, како што информираат од Врховниот суд, се говори за повеќе важни прашања од областа на судството кои се однесуваат на пристапот до правдата, судството во Украина, судиската етика, улогата и одговорноста на претседателите на врховните судови, алтернативното решавање на судските спорови и за односите сo јавноста и соработката со медиумите.

Говорејќи за транспарентноста на судството, Адеми во своето обраќање нагласи дека транспарентноста е еден од клучните принципи преку кои се остварува заштитата на јавниот интерес и заштитата на човековите права.

-Транспарентноста и објективното информирање се принципите кои ги упатуваат судството и медиумите на взаемна соработка во име на јавниот интерес. На овој начин се гради меѓусебната доверба, но се гради и довербата на граѓаните кон судството и кон медиумите, истакна претседателката на Врховниот суд.

Адеми додаде дека во Врховниот суд на Република Северна Македонија направени се значајни квалитативни реформи во поглед на транспарентноста и отвореното судство.

-Во Врховниот суд се основаше Советот за отворено судство и се потпиша Декларација со заложба за зголемена транспарентност на информациите за работа на судството и за олеснување на пристапот до информациите за судството. Значајно е што ова претставува главен новитет во Република Северна Македонија во рамките на глобална иницијатива Отвореното владино партнерство, истакна меѓу другото, претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија на Конференцијата во Прага.

17.05.2022 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега