Бектеши доби нови 30 дена притвор

 

Продолжен е притворот на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Неговиот адвокат Еленко Миланов за Република објаснил дека на Бектеши му е одреден нов 30 дневен притвор на истите околности како претходниот пат.

- Се наведува тежината на делото, опасност од бегство, влијание на сведоци. На оваа одлука ќе доставиме жалба, нагласува Миланов за Република.

Пред 30 дена Бектеши беше повикан на информативен разговор во полициска станица во Карпош, а потоа пренесен и во ОЈО Кочани, по што судија на претходна постапка одреди мерка притвор.

Вчера се наврши еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најголемата несреќа од независноста на државата. 

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници.... Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители. Досега се извршени голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Викендов, истрагата беше проширена со нови 19 лица. Пожарот во дискотеката во Кочани настана ноќта на 15 кон 16 март за време на настапот на групата „ДНК“. Животот го загубија вкупно 61 лице од кои 59 уште истата вечер. Починатите беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од нив на возраст од 24 и 26 години. Меѓу нив беа и пејачот на  бендот „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески, професорката на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска, тапанар Ѓорѓи Ѓорѓиев, како и Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов. 

Двајца починаа дополнително како последица на тешките повреди. Еден од нив беше и управителот на дискотеката Александар Каракадовски, кој почина во Литванија каде се лекуваше. И тој беше еден од осомничените, но за него сега истрагата е прекината. 

Повредени беа вкупно 193 лица од кои најголем дел, по првично укажаната медицинска помош во болниците во земјава, беа испратени на лекување во странство. Трошоците за лекување и сместување на семејствата на повредените беа целосно покриени од страната на државата. 

17.04.2025 - 10:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега