Бајден: Во Врховниот суд за прв пат ќе членува Афроамериканка

Американскиот претседател Џо Бајден планира да најде замена за судијата на Врховниот суд Стивен Брејер до крајот на февруари и сака тоа за прв пат да биде Афроамериканка.

Судијата Стивен Брејер официјално му го објави своето пензионирање на Бајден во писмо објавено денеска. 83-годишниот судија планира да се повлече од функцијата кон средината на годината, доколку дотогаш Сенатот го потврди неговиот наследник.

„Не сум донел одлуки освен едно - личноста што ќе ја изберам ќе биде некој со исклучителни квалификации, карактер, искуство и интегритет, а таа личност ќе биде првата афроамериканска жена некогаш номинирана за Врховниот суд. Тоа требаше да се случи одамна “, рече Бајден, кој ги остварува ветувањата од кампањата за претседателските избори.

Заминувањето на Брејер по 27 години работа му дава прва шанса на Бајден да назначи некого во Врховниот суд, но тоа назначување нема да ја промени идеолошката рамнотежа на телото. Во моментов во судот има шест конзервативни судии, именувани за време на мандатот на републиканските претседатели, и тројца либерални.

Конзервативното мнозинство покажа голема подготвеност да ги измени законите за чувствителни прашања како што се абортусот и поседувањето огнено оружје. Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, назначи тројца судии за време на неговиот четиригодишен мандат.

Обраќајќи се пред Белата куќа, Брејер зборувал за важноста разновидна нација како што е Соединетите држави да ги решава длабоките поделби со строго придржување кон законите.

Брејер беше назначен од Бил Клинтон и тој е заслужен за важни пресуди како што се правото на абортус и пристап до здравствена заштита, правата на ЛГБТ заедницата, а исто така ја доведе во прашање оправданоста на смртната казна.

Демократите во моментов имаат многу мало мнозинство во Сенатот, па затоа сакаат брз процес на назначување во тоа тело, секако пред среднорочните избори на 8 ноември, на кои републиканците се надеваат дека ќе го вратат мнозинството.

Демократите и либералните активисти затоа ја поздравија одлуката на Брејер да се пензионира во време кога мнозинството во Сенатот сè уште е на страната на демократите, давајќи му можност на Бајден да назначи помлад судија кој може да служи со децении. Според Уставот на САД, девет членови на Врховниот суд се назначени од претседателот доживотно и се потврдени од Горниот дом на Конгресот, Сенатот.

27.01.2022 - 23:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега