Бачев го честиташе празникот: Домот, семејството и Македонија се светост и затоа битката за нашите светости е света должност

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица упати честитка до сите верници од православна вероисповед.

„Во мое лично име и во име на Единствена Македонија, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Успение на Пресвета Богородица, со искрена желба празникот да го минат во добро здравје и радост исполнети со љубов и со хармонија. Покрај желбата за добро здравје и радост, дозволете ми да посакам љубовта кон блиските и татковината да бидат водилка низ животот. Денес татковината преживува најтешки моменти од кога било досега и затоа ние имаме света должност да си ја вратиме државата назад. Да ја продолжиме битката сплотени и единствени за нашата земја, нашата татковина, во која, денеска, во доминантно македонска и православна Македонија ние Македонците станавме странци и граѓани од втор ред“, вели Бачев.

Бачев посака во овие „тешки мигови за татковината граѓаните да имаат добро здравје“.

„Посакувам да бидете на првата линија во одбрана на националните интереси, во битката за поништување на капитулантските и предавнички антимакедонски договори, Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право, службен јазик македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, грижа за иселениците од Македонија и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји, Македонија унитарна држава со само една државна власт на нејзината територија. Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови да се бориме и за Македонија. Домот, семејството и Македонија се светост и затоа битката за нашите светости е света должност! Нека е честит и за многу години празникот. Да ни е вечна Македонија“, кажа Бачев.

28.08.2022 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега