Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, упати јавен повик до синдикатите да се вратат на преговарачката маса наместо да протестираат. При денешната посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, тој истакна дека проблемот со минималната плата може да се реши исклучиво преку дијалог.
Коментирајќи ги протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Азески беше дециден: „Стопати сум повторил – дијалог, дијалог и дијалог. Протестот не е никакво изразување на мислење, тоа може само да ја искомплицира работата. Што да речам јас сега, да дадам изјава дека имаше 21 претставник на Синдикатот пред Комора? Тогаш веднаш ќе се скараме, ќе мислат дека нешто навредувам“.
Според него, прашањето за платите е законски регулирано и во март треба да се разговара за нивно усогласување. Тој нагласи дека наместо да се оптоварува јавноста со улични перформанси, разговорите треба да се водат во институциите.

