Азески: Бизнисот бара брзи и одлучни решенија, а не дискусии

Не дискусии, туку брзи и одлучни решенија базирани на реални проценки, му се потребни на бизнисот во овој момент. Да ги оставиме настрана сите расправии „истресени од ракав“, да заборавиме на неплодните дискусии за историјата и да ги промениме уништувачките изрази „јас знам сé“, „кој е тој да ми кажува“, „јас одамна реков“, кои само ќе придонесат да платиме висока цена во кризата, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во денешната порака до бизнис заедницата.

Да не ги продадевме туристичките капацитети што ги наследивме од поранешнатадржава, денес, оценува Азески, тие ќе претставуваа вистински консумент и промотор на земјоделско-прехранбениот сектор. Да ги поддржевме домашните синџири на супермаркети („Тинекс“, „КАМ“, „Кит-Го“, „Стокомак“, „Жито“, „Кипер“, „Рептил“…) да се прошират во соседните земји, исто така ќе отворевме нови пазари за земјоделско-прехранбениот сектор.

Претседателот на Комората за в среда најавува конференција за позицијата на земјоделско-прехранбениот сектор, по, како што потсетува, веќе одржаната за туризмот и угостителството.

-Ноќта дојде порано од што очекувавме. Како да се наоѓаме во епицентарот на еден триаголник во кој имаме економска, здравствена, па и општа криза која долго се провлекува, од 2008 година наваму. Анкетите конечно покажаа дека секому му е јасно оти кризата ќе потрае подолго и дека спасувањето на човековите животи мора да бидеприоритетна цел. Иако навикнати на дејствување вокризни ситуации, во моментов непредвидливоста е толку силно изразена што надежта е доведена под знак прашање. Светот полека, но сигурно влегува во зоните на општите опасности и затоа решенијата мора да се бараат навреме, а еден од клучните фактори што може да го трасираат тој пат мора да е реалниот сектор, затоа што со многу примери покажал дека нудел вистински решенија, истакнува Азески.

Според него, за да се врати надежта, а особено кај оние кои се врзани за бизнисот, најпотребни се решенија.

– Додека не изгрее денот, да ги оставиме настрана сите расправии „истресени од ракав“, да заборавиме на неплодните дискусии за историјата и да ги промениме уништувачките изрази „јас знам сé“, „кој е тој да ми кажува“, „јас одамна реков“, кои само ќе придонесат да платиме висока цена во кризата. Реалниот сектор во овој момент бара да биде клучен фактор во изнаоѓањето излезни решенија, а по кризата, ако навистина таа не се претвори во секојдневие, ќе се врати на својата реална позиција – да биде еден од факторите што учествуваат во креирањето на економските политики. Примери има безброј, наведува Азески.

Тој потенцира дека „Фершпед“ на крајот на 90-тите години од минатиот век, со изградбата и купувањето на хотелите во Скопје, Охрид и во Маврово и со влегувањето во сопственичката структура на „Европа“ и на „Сковин“, покажа каде треба да одиме.

-Тоа го покажаа и нашите истакнати бизнисмени и познати коморски активисти Минчо Јорданов и Светозар Јаневски, правејќи спој меѓу овие два сектора, кои се сериозен потенцијал за создавање новододадена вредност. Стопанската комора на Македонија неслучајно во средина на кризата, на крајот на септември, одржа голема конференција за позицијата на туризмот и угостителството по кризата КОВИД 19, а за земјоделско-прехранбениот сектор тоа ќе го направи во среда. Има уште многу примери кога бизнисот беше резервиран кон одредени инфраструктурни проекти (пругата кон Бугарија, ревитализацијата на централната пруга Србија – Грција, влегувањето во сопственичката структура на солунското пристаниште итн. итн.). Значи, бизнисот бара решенија, а не дискусии, и бара многу поголемо учество во донесувањето на тие решенија отколку досега. Ние како нивни претставници ќе направиме сѐ да го овозможиме тоа, порачува Азески. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.11.2020 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега