„Avant2Go“ пристигна: Електричните автомобили ќе се изнајмуваат за само 22 денари по километар
Поевтино од такси превозот и 20 отсто поекономично од користењето сопствени возила, само 0,22 денара за километар, толку е трошокот на електричните возила што ќе може да се возат низ Скопје преку проектот Avant2Go Car-Sharing што го промовираа денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Како што беше речено, возилата се достапни за изнајмување преку апликациите Avant2Go Car-Sharing кои се веќе функционални во App Store и Google Store.
Засега за Скопје се набавени 100 вакви електрични возила, но во претстојниот период ќе има повеќе, а ќе се обезбедат и за други градови во државата.
Според проценките, за сериозен ефект од еколошки и економски аспект, на Скопје ќе му бидат потребни 1 000 електрични возила кои би се набавиле за две-три години.
-Avant2Go не е само технолошка новина, туку е и стратешка инвестиција во еколошката, сообраќајната и економската иднина на државата. Подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на бучавоста во градовите и на бројот возила во сообраќајот, поддршка на националните и европските зелени политики, како и економски бенефити за граѓаните, ќе бидат само некои од придобивките на овој проект, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Тој напомена дека користењето на целосно електрични возила значи нулта емисија на штетни гасови, што директно придонесува за намалување на аерозагадувањето, особено во урбаните средини.
-Електричните возила се значително потивки од класичните, а според светските стандарди едно Car-Sharing возило заменува 10 до 15 приватни возила. Car-Sharing воедно го намалува притисокот за купување второ или трето возило во домаќинствата, потенцира Меџити, дополнувајќи дека проектот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и придонесува за исполнување на обврските за климатска транзиција што е клучен аспект во евроинтеграцискиот процес.
Министерката Божиновска изрази надеж дека ова е само почетокот на проектот и дека наскоро ќе бидат набавени и други вакви електрични возила, како и дека полначите ќе бидат од обновливи извори на енергија.
-Градоначлниците овозможија паркинг, моментно има 100 возила и тие ќе може да се паркират во повеќе објекти. Се надевам дека ова е само почеток, ќе има повеќе од 100 возила. Поевтини ќе бидат цените од такси услугата. Во однос на полначите, завчера промовиравме гаранции за потекло, што значи обновливи извори. Се надевам дека полначите што ќе се користат ќе бидат од обновливи извори, а тоа е согласно ЕУ практиките. Се работи на лоцирање на повеќе паркинг места, се надевам ќе има повеќе на универзитетите и ќе се вклучат повеќе градоначалници, изјави Божиновска.
Владата го почна проектот во декември минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа