Арсовски: Ако не е местен тендерот тогаш зошто истата фирма која ја направила реконструкцијата потоа и го добила

Веќе неколку дена молчат институциите за случајот со скандалозниот наместен тендер во ЈП Водовод. Наместен тендер како на филм од страна на Шилегов и Весковски, со најобемната доказна документација дека фирмата КБК Инженеринг е таа за која што претходно бил договорен тендерот. Уште поголема небулоза е што веќе фирмата ја извршила работата, па дури потоа го добила тендерот. Се работи за испумпување на 300.000 евра народни пари, пари на скопјани, изјави на денешната прес-конференција за медиуми, Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека денеска ќе ги презентира разликите во цените, каде што ќе спореди колку би чинела реконструкција на иста ваква улица по пропорции во 2017-тата година во времето на ВМРО-ДПМНЕ, и колку чини сега оваа улица, на овој наместен тендер.

– Тука има една обемна споредба во однос на ставките, ставка по ставка колку би чинело. Јас би издвоил неколку работи, и би се фокусирал на финалната. На пример, геодетските работи, односно обележување на ров во 2017-та година ако чинело 19.34 денари за еден метар, сега во време на СДСМ чини 168.85 денари или за 8.7 пати поскап. Втор пример, земјани работи, односно рачен ископ на за откривање на главна водоводна мрежа, ако во 2017-тата година чинел 250.55 денари по м2, сега чини 797,36 денари по м2 или 3.2 пати повеќе. Машински ископ на земја во тесен обем на ров од 0-2м ако во 2017-тата година чинело 100.23 денари по м3, сега во 2021 година чини 276.73 денари по м3 или 2.8 пати повеќе. Рачен ископ на земја во тесен обем со длабочина на ров од 0-2м во 2017-тата година чинело 250.56 денари, а сега чини 478.41 денари за м3 или дури 2 пати поскапо е сега. Замислете подупирање на ров под слаб притисок ако чинело 1.61 ден за м2 во 2017-тата година, сега чини 140.71 денари за м2 или 87.7 пати повеќе, додека пак за подупирање во услови во јак притисок ако чинело 2.36 денари за м2 во 2017-тата година, сега чини 168.85 денари или 71.7 пати повеќе. Неверојатно, вели Арсовски.

Портпаролот посочи дека намерно се издвоени овие споредби, бидејќи овде нема што да поскапи изминативе 4 години.

– Верувајте дека целата спецификација, ако ја видите точка по точка од овој договор, ќе видите дека секаде по неколку пати се покачувани цените. За тоа велиме испумпување на народни пари. Или вкупно споредбата за чинење на реконструкција на улица „Варшавска“ сега и колку би чинела во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2017-тата година е следнава: 5.498.174 денари би била во 2017, а сега е 14.066.921 денар или за дури 2 ипол пати повеќе. Нема што повеќе да се говори на оваа тема. Одговорност мора да има, а институциите мораат уште веднаш да си ја преземат својата работа, односно да не спијат и да постапат согласно оваа документација, додаде Арсовски.

24.09.2021 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега