Арсовска: Тимови од јавните претпријатија расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места

Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и Противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица од невремето. Се санираат штетите кои се предизвикани пред се од обилните наноси на дожд, има голем број откорнати и паднати дрвја кои имаат нанесено значителни материјални штети, а сето тоа предизвикано од силните ветрови во попладневните часови во Скопје, изјави вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Тимови составени од јавните претпријатија, посочи таа, расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата.

„Координација имаме само со МВР кое помогна да се изолираат овие улици и булевари каде имаше поплави. Верувам дека во следните денови ќе имаме соодветна комуникација со сите надлежни институции. Нашите екипи интервенираа брзо и ефикасно и успеавме да го превенираме толку колку што можеше, затоа што беа тоа навистина обилни дождови какви што немаме забележано во изминатите неколку години. Можеби најважната работа е да се посветиме на тоа оваа инфраструктура да биде санирана за долгорочно да немаме вакви проблеми. Исто така и јавните градски претпријатија активно кога имаме најава за тоа дека ќе има невреме работат на тоа да се чистат сливниците, улиците и да се направи сето она што е возможно за да го немаме тоа што се случи вечерва“, рече Арсовска.

30.08.2022 - 22:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега