Арсовска: Немам намера да го имплементирам проектот БРТ

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека нема намера во ниту еден случај да го имплементира проектот за БРТ – системот за брз автобуски превоз, што го најави поранешниот градоначалник, бидејќи, како што вели, граѓаните ја избрале нејзината програма која ветува бесплатен автобуски превоз со 250 нови автобуси.

Арсовска денеска го одржа првиот брифинг со медиумите по преземањето на функцијата  и ги претстави чекорите кои ќе ги презема во иднина за остварување на ветувањата кои беа дел од нејзината програма во предизборниот период.

Сепак, како што рече, ќе се најде начин целиот процес околу БРТ превозот да биде квалитетно менаџиран.

-Јас БРТ не ветив, јас ветив брз навремен и беплатен превоз и 250 автобуси, БРТ беше на претходниот градоначалник, кој што не беше одбран, што би значело дека граѓаните не го одбраа овој проект. Јас ќе се фокусирам само за она за кое скопјани ми дале мандат, порача Арсовска.

Со цел наоѓање идеално решение најави дека ќе одржи состанок со експерти, како и лица кои биле вклучени во активностите.

Паралелно се надоврза на нејзиното ветување за слободен јавен превоз за сите граѓани, ветување кое наиде на голем број реакции.

-Луѓето планираат да се селат на Марс и патуваат до месечината, се е возможно, па така возможен е и бесплатниот градски превоз. Имено, станува збор за нешто што е имплементирано во други развиени земји, појасни таа барајќи да и се даде потребно време за реализација.

-Досега не се бараше отчетност за лошото менаџирање, а за мене се бара за два дена мандат, јас тоа што го кажав ќе го реализирам меѓутоа не можам за два дена, првенствено дојдов тука, а половина од вработените се заминати на работа, изјави градоначалничката Арсовска.

Најави  дека во иднина ќе бара отчет за потрошените средства од продажбата на Градската куќа.

Одговарајќи на новинарско прашање, исто така, соопшти дека по изборот на функцијата се откажала од позицијата почесен конзул на Унгарија.

Информира дека наишла на многу проекти потпишани од поранешниот градоначалник и како што рече, доколку се во интерес на градот и во согласност со законските прописи ќе бидат реализирани до крај.

11.11.2021 - 16:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега