Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска, на бизнис-форумот во Стопанската комора, порача дека мора да се надминат проблемите со кои се соочуваат превозниците и да се обезбеди непречен проток на стоки.

Николоски посочи дека задржувањата, долгите чекања и административните пречки создаваат дополнителен товар за превозниците и стопанството.

Тој се осврна и на, како што ја оцени, нелојалната конкуренција при тендерирањето инфраструктурни проекти во рамки на Европската Унија. Според него, голем дел од најголемите договори ги добиваат компании од Кина и Индија, наместо европски компании.

Николоски смета дека средствата од европските даночни обврзници треба во поголема мера да остануваат во европската економија и да циркулираат преку компаниите во Унијата.

„Мислам дека разговараме за апсурд. Во 21 век, со признати либерализации со земја кандидат за членство во ЕУ, која ги почна преговорите, да разговараме дали македонски превозник треба кога ќе се качи во камион да ги брои деновите, часовите и минутите“, рече Николоски.

Тој додаде дека решавањето на проблемите со слободниот проток на стоки и нелојалната конкуренција би отворило значителен простор за развој на економската соработка.

„Ако имаме нелојална конкуренција, од една страна, а немаме слободен проток на стока и на добра, тогаш нема поента за било што да разговараме. И обратно, ако ги решиме овие два проблема, тогаш можностите се огромни“, посочи Николоски.

Exit mobile version