Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека во Дубаи е уапсен и итно екстрадиран во Русија мажот осомничен за вооружениот напад врз високиот воен разузнавач Владимир Алексеев. Осомничениот, идентификуван како Љубомир Корба, бил приведен по интензивна потрага во Обединетите Арапски Емирати.
Генерал-потполковник Алексеев, кој е заменик-началник на ГРУ (руската воена разузнавачка служба), беше застрелан со повеќе куршуми во петокот во станбена зграда во Москва. Според руските медиуми, тој веднаш бил опериран и се наоѓа во болница.
ФСБ тврди дека Корба е роден во украинската област Тернопол и дека во Русија допатувал со цел да го изврши атентатот во име на Украина. Официјален Киев веднаш ги негираше овие наводи, отфрлајќи каква било поврзаност со нападот врз високиот руски офицер.

