Само 33 проценти од Американците ги одобруваат воените удари на САД врз Венецуела, додека 72 проценти се загрижени дека земјата би можела прекумерно да се вклучи во јужноамериканската држава, покажува најнова анкета на Ројтерс/Ипсос, спроведена денеска.

Според резултатите, 65 проценти од републиканците ја поддржуваат воената операција наредена од републиканскиот претседател Доналд Трамп, во споредба со само 11 проценти од демократите и 23 проценти од независните испитаници.

Американските сили во саботата наутро извршија смртоносна операција во Каракас, по која венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше уапсен и предаден на американските федерални власти за судење по обвиненија за трговија со дрога.

Анкетата исто така покажува значајна поддршка меѓу републиканците за надворешна политика насочена кон влијание врз соседните земји. Околу 43 проценти од републиканците се согласиле со тврдењето дека „САД треба да водат политика на доминација во Западната Хемисфера“, додека 19 проценти не се согласиле, а останатите не биле сигурни или не дале одговор.

Истражувањето, спроведено меѓу 1.248 возрасни лица во САД, покажува дека рејтингот на одобрување на Трамп изнесува 42 проценти – највисоко ниво од октомври наваму и пораст од 39 проценти забележан во анкетата од декември.

Exit mobile version