Доколку следната недела се одржат парламентарни избори, за владејачката ВМРО-ДПМНЕ би гласале 26 проценти од граѓаните, додека за опозициската СДСМ би се определиле 9,8 проценти. Најголема доверба меѓу политичарите ужива премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а големо мнозинство од испитаниците ја поддржуваат примената на системот „Безбеден град“.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот за политички истражувања (ИПИС) насловено „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, спроведено преку телефонска анкета во периодот од 15 до 18 декември годинава на 1.114 полнолетни испитаници.
На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори?“, резултатите се следни:
- ВМРО-ДПМНЕ: 26%
- СДСМ: 9,8%
- Коалиција ДУИ: 8,9%
- Коалиција ВЛЕН: 8,2%
- Левица: 5,9%
- ЗНАМ: 3,9%
- Друга партија: 1,7%
За ниту една партија не би гласале 13,1 процент, 11 проценти одбиле да одговорат, додека 11,7 проценти се изјасниле дека не знаат.
Во однос на довербата во политичарите, на прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“, 27,3 проценти го посочиле Христијан Мицкоски. Наспроти ова, 25,5 проценти одговориле „ниту еден“, а 9,5 проценти немале одговор.

Рејтингот на останатите политичари е следен: Али Ахмети (9%), Венко Филипче (5,1%), Димитар Апасиев (5%), Максим Димитриевски (3,8%), Изет Меџити (3,5%), Билал Касами (2,8%), Африм Гаши (2,3%), Гордана Сиљановска Давкова (2,1%), Стево Пендаровски (1,3%) и Никола Груевски (1,1%).
Работата на Владата позитивно ја оценуваат 26,1% од граѓаните, а „донекаде позитивно“ 26%. Негативно мислење имаат 23,4%, додека „донекаде негативно“ се изјасниле 17,9%.
Истражувањето покажува и висока поддршка за системот „Безбеден град“. Целосна поддршка за поставување камери за мерење брзина и сообраќајни прекршоци дале 63,9 проценти од испитаниците, а „донекаде да“ одговориле 12,6 проценти. Против се изјасниле 7,5 проценти.
Од ИПИС посочуваат дека истражувањето е реализирано на случаен репрезентативен примерок, со запазување на демографските специфики на населението.