Ангеловска-Бежоска ‒ Павлова: Првата национална стратегија за зелени финансии е во завршна фаза ‒ поддршка од ЕИБ за спроведувањето

Народната банка е во завршна фаза на изработка на првата национална стратегија за поттикнување на зеленото финансирање. Стратегијата предвидува голем број активности коишто ќе придонесат за справување со ефектите од климатските промени, коишто имаат негативно влијание врз економскиот раст на земјите и инфлациските притисоци. Европската инвестициска банка (ЕИБ) изрази подготвеност преку нивниот консултантски тим, специјализиран за „зазеленување на финансиските системи“, да го поддржи спроведувањето на стратегијата. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, на маргините на форумот на групацијата на ЕИБ „Приспособување на светот што се менува“, на кој учествува гувернерката.

Климатските промени се извор на ризици за финансиската стабилност и поради тоа сѐ поголем број централни банки во светот ги вклучуваат зелените финансии во своите цели. Народната банка како општествено одговорна институција се стреми да биде пример и да даде придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, заради унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и нивниот животен стандард. Оттука, Банката веќе презема низа активности за поттикнување на финансирањето на зелените проекти од страна на банкарскиот сектор, меѓу кои е и изработката на стратегијата за зелени финансии.

Стратегијата за поттикнување на зелените финансии ќе засега повеќе сегменти, како што се финансиската стабилност, банкарската регулатива и супервизија, монетарната политика, истражувањето, финансиските пазари и јакнењето на капацитетите на Народната банка. Некои од позначајните активности во рамките на стратегијата се подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, како и редовни стрес-тестирања за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени.

Народната банка во изминатиот период започна да гради зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. Од минатата година преку задолжителната резерва, централната банка интервенира за поттикнување на зеленото кредитирање од страна на банките.

Во изминатиот период се забележува напредок во зеленото финансирање во земјава, но сѐ уште има простор за негово унапредување. Народната банка започна со редовно известување за зеленото кредитирање на банките ‒ според последните расположливи податоци се забележува раст за речиси 80% на зеленото кредитирање во споредба со крајот на 2019 година (од кога се прибираат податоците). Во овој период „зелените кредити“, или кредитите за финансирање обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, пораснаа за 0,9 процентни поени како удел во вкупните кредити и сега изнесуваат 3,1%.

Соработката на нашата земја со Европската инвестициска банка датира од 1977 година. Досега, тие поддржуваа развојни проекти во јавниот и во приватниот сектор, коишто имаат за цел да ги подобрат условите за живеење во земјава. Најголемиот дел од проектите се однесуваат на инвестициите во транспортната мрежа, енергетиката, како и водоснабдувањето и третманот на отпадни води, но и поддршка на малите и средните претпријатија преку кредитни линии пласирани преку комерцијалните банки.

28.02.2023 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега