Пожарот што избувна меѓу селата Горно и Долно Чичино се проширил и повеќе не е под контрола, информира Стојанче Ангелов. Огнот зафатил голема површина со сува трева и се движи кон сртот, додека пожарникарите се обидуваат да го спречат неговото натамошно ширење.
Според Ангелов, приоритет во моментов е да се заштитат околните овоштарници и објекти. Тој предупредува дека гаснењето може да трае подолго време.
„Тука ќе има долга и тешка битка, можеби неколкудневна“, изјави Ангелов.
За справување со пожарот веднаш била побарана дополнителна помош. На терен се ангажирани противпожарни сили, побарани се ер-трактори и хеликоптер на МВР, а испратени се и четири специјализирани противпожарни возила „Пинцгауер“. Според Ангелов, расположливите сили засега не се доволни за целосно ставање на огнот под контрола.
Во меѓувреме, Центарот за управување со кризи информира дека денеска се регистрирани повеќе пожари на отворен простор низ државата, од кои дел сè уште се активни. ЦУК продолжува да ја следи состојбата на терен.


